Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу изјави дека Анкара се ангажира за продолжување на договорот, кој е поддржан од ОН, а на Украина и овозможува да извезува житарки преку црноморските пристаништа.
–Напорно работиме на непречено спроведување и натамошно продолжување на Договорот за житарки – рече Чавушоглу во говорот на конференцијата на ОН за неразвиените земји, што се одржува во Доха, Катар.
Чавушоглу посочи дека разговарал за напорите за проширување на Договорот за житарки со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, пренесе Ројтерс.
Русија минатата среда објави дека ќе се согласи да го продолжи рокот на важност на договорот, доколку се земат предвид интересите на руските земјоделски производители.
Договор за извоз на житарки од Украина преку црноморските пристаништа беше постигнат во јули минатата година меѓу Москва и Киев, со посредство на ОН и Турција, бидејќи Русија ги блокираше тие пристаништа по почетокот на конфликтот во Украина.
Договорот беше продолжен во ноември и ќе истече на 18 март, доколку не се постигне договор за продолжување.
