Во анализа на Слободен печат, за состојбата со земјоделското производство кај нас со акцент на државната поддршка, министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски најави дека се започнати промените во системот за поддршка на земјоделците во рамките на новите програми за финансиска поддршка за 2025 година.
– Уште за оваа година укинат е комплицираниот и несоодветен систем на двојно и условено аплицирање, кое ги комплицираше постапките за администрација и контрола и за корисниците и за институциите. Направено е спојување на мерките и поедноставена е структурата колку што е можно повеќе. Преку вклучување на инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ), ќе се зголеми присуството на инспекторите на терен. Во следниот период ќе се засилат контролите заради следење на состојбите и превенција од евентуална злоупотреба. Соодветното и наменското користење на средствата од програмите за финансиска поддршка ќе овозможат повеќе пари за вистинските земјоделци – изјави за „Слободен печат“ министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Сепак, објаснува министерот, за низа планирани промени или воведување нови мерки, реализацијата ќе биде возможна после измените на Законот за земјоделство и рурален развој кои се во тек.
Министерот Трипуновски детално објасни и кои земјоделци може да очекуваат годинава повеќе пари.
Зголемување на износот на поддршката преку директни плаќања ќе биде реализирано кај потсектори што се соочуваат со сериозен пад во производството, а имаат компаративна предност и произведуваат производи важни за исхрана на населението, како што се сточарските потсектори на пример.
Министерот посочува и дека ќе има инвестиции во наводнување и одводнување, поддршка на пазарните форми на здружување, поставување ефикасен систем за знаење и иновации во земјоделството. Ќе се обезбеди поддршка за таргетирани групи корисници со развоен потенцијал, пред сè млади земјоделци. Ќе се интензивира процесот на акредитација на новите ИПАРД-мерки што ќе овозможат пристап до нови средства од ЕУ за кои немаше можност да се користат.
– Дополнителна трансформација и подобрување на мерките ќе се реализира преку програмите во следниот период поради неопходноста од претходните законски измени предвидени за оваа година. Директните плаќања треба да ја добијат структурата според стратегијата која ќе значи приспособување кон европските политики – прецизира Трипуновски.
Анализата во целост на следниот линк