Говедата, а особено високо производните грла, се многу чувствителни на високите температури. Bianconero ги објави резултатите од една италијанска студија која потврди дека со генетска селекција може да се зголеми толеранцијата на топлотниот стрес. Идентификувани се пет гени одговорни за оваа особина, пренесува Agroklub.
Фокусот бил на истражување во која мера животните различно реагираат на високите температури врз основа на климатските податоци, како и податоците за одгледувањето на кравите. Целта била да се откријат животни кои се потолерантни и кај кои не доаѓа до намалување на производството во топлите денови како кај просечните.
Откриле разлика во производството на млеко и забележале наследност од 16 проценти.
Млечните грла кои се толерантни на топлина имаат помала сезонска разлика во производството на млеко. Кај нив во лето таа се намалува за 2,7 килограми, а кај оние кои не се толерантни таа количина е поголема и изнесува 3,6 килограми.
Толеранцијата на топлина е позитивно поврзана со здравјето и плодноста на кравите, додека корелацијата со производството на млеко е негативна. Индексот се базира исклучиво на производството, а истражувачите сакаат да го прошират и на други карактеристики, како што се бројот на соматски клетки во млекото и плодноста.
Индексот на топлотна толеранција моментално е достапен за сите бикови регистрирани во Италија. Вредноста над 100 укажува на позитивен ефект врз оваа особина.
