Наградите за вината од македонски производители се доказ за нивниот квалитет, истакна во изјава за МИА, Виолета Јанкова, директор на Фондацијата „Тиквешки вински пат”. Таа потсети дека неколку тиквешки семејни винарии се наградени во рамките на натпреварот за вина, кој беше организиран во склоп на проектот за прекугранична соработка со Република Грција, насловен „Земја на виното”.
– Целта на натпреварот беше да се истакнат заложбите на производителите на вино во прекуграничната област и да се поврзат со претприемачите од угостителството, туризмот и трговијата, појасни Јанкова.
Прекуграничниот проект е со вредност од над 500 илјади евра, финансирани од Европската Унија. Носител на активностите од македонска страна беше ,,Тиквешки вински пат”, во соработка со росоманската општина. Во склоп на проектните задачи, беше и неодамнешното отворање на центар за промоција на туризмот во Росоман.
– Во изминатите 15 години, со бројни проекти вредни милиони евра, Фондацијата прави напори за што поголема промоција на македонското вино и создавање на вински бренд препознатлив во светски рамки. Наша цел е развојот на винските патишта и што поголем број на туристи, децидна беше Јанкова.