Препукувањата помеѓу сточарите и Платежната агенција продолжуваат. По објавениот прилог на Телевизија 24, кој се емитуваше во среда, од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги испратија одговорите на нашите прашања поврзани со исплатата на сточарите.
Имено, од таму за 24 појаснуваат зошто голем дел од сточарите не биле опфатени со последната исплата на 22 декември.
– Вкупно сточари кои имаат поднесено единствено барање за субвенции за 2024 година се 2440. Сите овие се исплатени за основната мерка во висина од 30% авансна исплата од 600 денари. Сточари кои не ги исполниле условите од мерката се 1219. Од нив, 695 сточари немаат вопшто ниту едно јагне предадено во кланични капацитети. Кај 472 сточари разликата е поголема од 15 јагниња или не достигнува ни 20% предадено во кланични капацитети, а 54 сточари се во групата која за исполнување на условот од 50% им фалат од 1 до- 12 јагниња.
Од Агенцијата дообјаснуваат и за останатите мерки. Велат, за органско производство на јагне за 2023 се исплатени 300 денари по грло на сите кои имаат поднесено барање, а останатите 700 денари Агенцијата нема можност да ги исплати бидејќи имаат услов да донесат документ од кланица регистрирана за колење на органско јагне.
– Ниту еден од сточарите не го исполнува и не може да го исполни овој услов, затоа што не постои сертифицирана кланица за органско во која сточарите би можеле да носат органски јагниња и со тоа неможе да им се издаде документ за предадено органско јагне.
Револтот кај одгледувачите на овци и понатаму расте. Во реакцијата од Сојузот на одгледувачи на овци ставот на Агенцијата го карактеризираат како груба манипулација спрема сточарите, или како елементарно непознавање на програмата која треба да ја реализираат.
– За годината 2023та сточарите беа исплатени само по однос на подмерка 2.7, додека за 2.4 скоро и да е невозможно да го остварат правото и како последица на тоа неостварлива е мерката 2.8. Меѓутоа би требало да се знае дека одгледувачите на овци, сè уште ги очекуваат средствата по однос на подмерка 2.11 од уредбата, кои безусловно им следуваат.
По илустрираниот демант од страна на сточарите и делумно исплатените субвенции, најавите за грчко сценарио остануваат во игра. Велат, освен субвенциите и мерките за сертифицирано органско производство, не отстапуваат ниту во барањата за поврат на нето плата на овчарите за изминатите 2023 и 2024та година.
