На Козја река, десна притока на Дурачка река, на северниот дел на Осоговските планини, во непосредна близина на село Станци и 8 км јужно од Крива Паланка се наоѓаат преубавите Станечки водопади.
Кога ќе стигнете во село Станци, се упатувате по патека која води покрај Козја река во должина од 3 км, а по која ви се потребни околу триесетина минути пешачење за да стигнете до надморска височина од 1160 м и Станечкиот водопад. Висок е 11 метри и е најголем водопад на Осоговските Планини.

Во подножјето, од големиот наплив на вода е создаден голем природен базен, кој ја надополнува убавината на овој крај. Сето ова е лесно пристапно, опколено со густа букова шума, а кон повисоките делови можат да се забележат уште неколку мали водопади, како и огромни карпи со интересен изглед.

Инаку, на почетокот на месецов во Општина Крива Паланка Паланка беше одржан состанок за воведување во работа на економскиот оператор МАЉОКУ ДООЕЛ, изведувач на градежните работи за изградба на пешачка патека до локалитетот „Станечки водопади“ на Козја река во Крива Паланка.

Изградбата на патеката ќе се одвива во две фази, од училиштето во с. Станци до водопадите на Козја река познати како Станечки водопади, каде што е предвидено и соодветно уредување на просторот и втора фаза која што опфаќа уредување на патеката од Станечки водопади до локалитет Ловечка куќичка. Вкупната должина на патеката е околу 4300 метри.
Изградбата на патеката е финансирана во рамки на ИПА програмата за прекугранична соработка на ЕУ помеѓу Република Северна Македонија и Србија, во рамки на проектот „Да ги поврземе бисерите“ кој Општина Крива Паланка го имплементира во партнерство со Лесковац и Центарот за развој на пчињскиот и јабланичкиот регион на Србија.
