Изминатата седмица имавме променливо време, сончево и топло со повремени поројни врнежи од дожд и силен ветар. Овие дождови ја подобруваат влажноста на почвата и го намалуваат топлотниот стрес на растенијата. Но најчесто јулските дождови доаѓаат во форма на поројни врнежи проследени со засилен ветер, што може физички да ги оштети и искрши стеблата кај градинарските култури на отворено или да го уништи готовиот род кај некои култури.
Виновата лоза е во фаза на пораст на зрната, во ова фаза зрната се со големина на грашок, особено цврсти и со зелена боја поради хлорофилот. За нормален нивен пораст како и останатите органи на лозата неопходна е поволна температура на воздухот, влажност на почвата , светлина и доволно количество на хранливи материи. При недостиг на влага може да забави порастот, затоа е потребно наводнување и плитка обработка на почвата заради зачувување на влагата. Кај овошките како што се кајсија, праска, малина и некои градинарски култури, се во фаза на зреење и берба. Градинарските култури домати, пиперки, краставици, се наоѓаат во фаза на интензивен раст и берба. Кај доматите и краставиците се отстрануваат сувите листови, се врши прекршување на врвовите кај раните сорти и се наводнува секојдневно. Се берат и грашокот, раниот компир, кромидот и тиквичките.
Денес времето ќе биде променливо облачно, наместа со пороен дожд и грмежи во попладневните часови. Потоа следува период на претежно стабилно и потопло време, освен во недела кога ќе има пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од северен правец.
Комбинацијата од високи температури (кои често достигнуваат над 35°C) и влага од дожд, создава брзо ширење на болести како пламеница и пепелница кај доматите, пиперките и лозјата, што бара итна заштита.
Земјоделските производители да продолжат со активностите и грижата за нивните посеви и изведување на работи во поле, наводнување, уништување на плевели, заштита на растенијата од појава и развој на болестите и штетници, редовно следење на посевите како и други агротехнички мерки.
Минималната температура ќе се движи во интервал од 9°C до 20°C, а максималната температура ќе се движи во интервал од 27°C до 40°C.
Извор: Агрометео
