Изминатата седмица имавме стабилно време со ниски утрински температури кои на повеќе места беа под нула. Овие ниски утрински температури кои беа регистрирани од нашите станици при Управата за хидрометеоролошки работи, од агрометеоролошки аспект можат да причинат штети од мразот, особено кај коскестите видови, сливата, раните сорти на кајсии, и бадемот, претежно оние кои се веќе процветени. Промените од појавата на мразот можат да се јават во цветовите со нивно проретчување.
Од утре следува период на променливо облачно време со честа појава на повремени врнежи од дожд. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 20 л/м2), појава на грмежи и силен ветер (над 70 км/ч).
Врнежите од дожд ќе допринесат за зголемување на влагата во почвата, која е потребна во овој период за успешно навлегување на посевите во период на пролетен развој, како и потребната влага која е потребна за пролетната подготовка на почвата за садење на одредени култури. Успехот во растителното производство во голема мера зависи од количината на врнежи во вегетациониот период од март до октомври т.е . за време на активната вегетација на културните растенија. Обезбеденоста со вода е многу важен услов за нормален раст и развој кај сите култури. Исто така и есенските посеви продолжуваат со развој за што им е потребна висока влага. Врнежите од дожд исто така допринесуваат за надополнување на вештачките акумулации.
Доколку почвените услови тоа го дозволуваат земјоделците може да отпочнат или продолжат со изведување на работи во поле, прихранувањето на есенските култури, припрема на почвата за сеидба на раните пролетни култури, садење на одредени рано градинарски култури, започнување со засадување на нови лозја, пресадувањето на нови лози на празните места како и други земјоделски активности.
Се препорачува да се преземат превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции, да се расчистат одводните канали за полесно одлевање на површинските води и заштита од нив.
Минималната температура ќе се движи во интервал од 1°C до 10°C а, максималната температура ќе се движи во интервал од 09 °C до 19 °C.
