Изминатите денови под влијание на циклонска активност имавме повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради заладување врнежите преминаа во снег и во некои од повисоките места.
Овие врнежи што паднаа се од големо значење за сите земјоделски култури и ќе допринесат за зголемување на влагата во почвата која е потребна за пролетната подготовка на почвата за садење на одредени култури. За стрнишните жита кај нас од суштинско значење се врнежите во периодот од почетокот на март до почетокот на јуни. Пченицата најголеми количини на вода троши во фазите вретенисување, класење, млечна зрелост. Фазата на вретенење се одвива во пролетниот период. Во почетокот на оваа фаза се оформуваат репродуктивните органи, од кој ќе зависи и плодоносењето, и затоа во оваа фаза растението мора да има доволно количество вода и хранливи материи. Токму поради тоа, овој дожд позитивно ќе се одрази врз есенската пченица. Останатите земјоделски култури се во интезивен развој. Кај некои видови на овошки како што е кајсијата, ова е период кога може да се прекалемува под кората, после цутењето, односно кога ќе почне да листа. Тоа е крајот на март и првата половина на април, притоа треба да се внимава да се создадат услови за тој процес. Прекалемувањето се врши во круната.
Исто така, поради повисока релативна влажност во зоната на растенијата, може да се создадат поповолни услови за појава на растителни болести и штетници, па поради тоа потребно е преглед и контрола на посевите.
Влијанието на циклонска активност продолжува и во следните денови, денес ќе има врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m²). Поради спуштање на ладна воздушна маса, на планините и некои од повисоките места врнежите од дожд ќе бидат од снег. Во петок и сабота времето ќе биде променливо облачно со услови за слаб локален дожд. Во сабота ќе дува засилен повремено силен ветер кој наместа ќе достигнува и над 70 km/h. Од недела следува период на претежно стабилно и потопло време.
Земјоделските производители да преземат содветни мерки за заштита на нивните посеви, да се расчистат одводните канали за полесно одлевање на површинските води и заштита од нив, да се преземат превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции, да ги заштитат растенијата посебно овошните видови од појава и развој на болести и штетници, редовно да вршат следење на нивните посеви и други потребни агротехнички мерки.
Минималната температура ќе се движи во интервал од -2°C на повисоките места, до 8°C, а максималната температура ќе се движи во интервал од 9°C до 24°C.
Извор: Агрометео
