Дигитализација на царинските постапки и намалување на човечкиот фактор, го намалува ризикот од корупција, а ја зголемуваме ефикасноста и одговорноста на царинските службеници.
Мораме да ги искористиме придобивките кои ги овозможува четвртата индустриска револуција и да ги употребиме за сето она што значи стратешки приоритет за државата, истакна вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
По посетата на граничниот премин Ќафасан, каде имаше средба со директорот на Царинската управа Горан Сугарески и со дел од вработените, Николовски посочи дека царината треба да биде пример за исполнувањето на законските обврски со кои се спречува корупцијата и криминалот, се штити стопанството, економијата, работните места и го подобрува имиџот на земјата.
–Со реализацијата на системските мерки од планот за борба против корупција воспоставуваме генерациски промени, во кои ќе се почитуваат законите, а во државната управа ќе нема место за корумпирани службеници. Со нови мерки ги јакнеме механизмите за контрола на незаконски стекнатиот имот и капитал преку подготовка на законот за потекло на имот што веќе го започнавме, рече Николовски.
Со реализација на системските мерки од Планот за борба против корупција, за првпат, најави, ќе се испитува како одговорно лице стекнало имот и капитал, во случај кога постои сомневање дека ги надминува своите редовни оданочени приходи, а ќе се проверува имотот на сегашни, но и на поранешни функционери.
-На овој начин го контролираме капиталот, го отвораме патот за конфискација на нелегално стекнатиот имот и капитал, спречуваме оштетување на буџетот и богатење на грбот на граѓаните, додаде вицепремиерот Николовски.
