„Најдобриот пчелар помеѓу фудбалските судии и најдобриот фудбалски судија помеѓу пчеларите. Тоа е нашата Снежана Илиевска која во 2017 ја започна обуката за млади пчелари на Програмата за зачувување на природата без да поседува пчели ниту знаење за нивното одгледување, а денеска има 2 пчеларници и големи планови за отворање на своја мала апикомора.“, вака на фејсбук-страницата на Меден Исток е опишана пчеларката Снежана.
Како и останатите членови на „Меден Исток“, Снежана пчелари на одржлив начин и со голема одговорност кон природата и здравјето на луѓето, без да користи штетни хемиски средства во производниот процес. Околината на нејзините пчеларници во с. Дулица изобилува со прекрасна природа со багрем, драка, мајчина душица, ливади и шуми.
„Со пчеларство почнав да се занимавам од 2017 година кога прв пат отидов на пчеларско предавање во мојот град, без да имам ниту една пчела и без да знам било што за нив. На предавањето добив информација за основната обука за млади пчелари на Програмата за зачувување на природата, на која се пријавив и учествував. Следната година ја поминав и напредната обука организирана од истиот проект. Првите мои 3 пчелни семејства ги добив од програмата, а денес имам 2 пчеларника, со околу 67 пчелни семејства, на две локации во село Дулица.“, вели Снежана.

Снежана важи и за поборник на урбаното пчеларење и затоа има неколку пчелни семејства на својата тераса, за што вели: „Пчеларам на одржлив начин и со голема одговорност кон природата и здравјето на луѓето, без да користам штетни хемиски средства. Околината на моите пчеларници изобилува со прекрасна природа со багрем, драка, мајчина душица, ливади и шуми, така што медот е претежно мешан – има и ливадски и шумски.
Во иднина планирам да произведувам матичен млеч, полен, роеви и пчелин отров. На пчеларникот на место викано Велидено, во Дулица, планирам мала Апикомора и на тој начин сакам да го промовирам пчеларењето и здравјето кое може да се добие од пчелата.
Сакам да напоменам и дека сум поборник на урбаното пчеларење, мојот прв пчеларник со 4 семејства беше на мојот балкон. Чувството кога пиејќи кафе меѓу кошниците, на терасата, ги гледам пчелите како работат рано наутро, како влегуваат во кошницата со полен на нозете, ме охрабрува и понатаму да продолжам да чувам пчели во мојот дом.“
