Живееме во време на глобална модернизација на технолошките процеси, секојдневно се среќаваме и соочувме со информации за постојаното нарушување, загадување и уништување на животната средина. Со неконтролираното сечење и искористување на дрвната маса на глобално ниво, со уништувањето на растителниот и животинскиот свет директно се влијае врз нарушувањето и уништувањето на животната средина.

Јавното претпријатие со своите редовни активности во областа на одгледувањето, заштитата и искористување на шумите влијае на подобрувањето и отстранувањето на голем дел од факторите кои се главни чинители за нарушување на еколошката рамнотежа и биодиверзитетот, затоа што шумите имаат многубројни функции и процеси, секој од нив важен и неопходен за опстанок на сите живи организми.

Природните катастрофи последните години предизвикаа големи штети со значителни економски последици, пред сé поради позачестените пожари, свлечишта, поплави, суши и ерозии што доведе до деградација на земјиштето и нарушување на животната средина. Шумите го регулираат хидролошкиот циклус со што се заштитува вегетацијата и живеалиштата за многу видови.
Како една од поважните мерки кои ги извршува Јавното претпријатие „Национални шуми“ е пошумувањето на голините и деградираното шумско земјиште, како и пошумување на опожарени површини. Со спроведувањето на овие мерки се придонесува за спречување на опустинувањето, природните катастрофи како: ерозија, поплави, пожари и загадувањето на водите и воздухот, бидејќи дрвјата и другите растителни видови се тие што ја стабилизираат почвата и ја одржуваат природната рамнотежа помеѓу чистиот и загадениот воздух, водата и почвата во природата.
ЈП „Национални шуми“
