Вкупната штета од невремето што кон крајот на јуни минатата година ги зафати населените места во општина Кочани е проценета на околу 10,3 милиони денари.
Според пријавите што граѓаните ги доставиле до општинската Комисија за процена и утврдување на висина на штети од природни непогоди и други несреќи, околу 70 отсто од сумата е директна штета на земјоделските насади предизвикана од обилните врнежи од град. Остатокот е причинет со поплавување на површините и амбарите во кои биле складирани земјоделските производи.
– Најголеми оштетувања на градинарските култури има кај пиперот, каде градот и поплавите зафатиле над 22 хектари, а проценетата штета е околу 5,3 милиони денари. Кај житните култури најоштетена е пченката, при што на повеќе од 50 хектари штетата изнесува над 3,1 милиони денари. Оштетувања има и кај лозовите насади и овошките, но и кај оризот, кој иако е култура што бара вода, поради поплавување на површините предизвикана е штета од околу 250 илјади денари. Збирниот извештај, односно елаборатот со проценките е готов и деновиве ќе го разгледува Советот на Општината, по што ќе биде испратен до надлежната владина комисија. Исплатата што треба да се изврши од државниот буџет доцни подолг период, односно земјоделците сè уште не ги добиле парите за констатираната штета во 2022 година, истакна Зоран Зафиров, претседател на Комисијата за процена и утврдување на висина на штети на Општина Кочани.
Минатата недела заврши рокот во кој земјоделските производители ги пријавуваа штетите од невремето што го зафати кочанскиот регион на 24 јуни годинава. До Комисијата пристигнале поголем број пријави, главно од населените места во рамничарскиот дел на општината, каде поројните врнежи од дожди и град, проследени со силен ветер, предизвикаа штети кај посевите и на објекти. Постапката за проценка
ќе трае неколку месеци, по што ќе биде изготвен збирен извештај.
Надоместокот за отштета од елементарни и други непогоди што го добиваат граѓаните е многу низок, а според податоците од општинската Комисија, по пожарите од пред две години што го зафатија регионот, биле исплатени само пет отсто од проценетата вредност.
MИА