Шест европски малопродажни групации, вклучувајќи ги Sainsbury’s во Обединетото Кралство и Carrefour во Белгија, ќе престанат да продаваат бразилско говедско месо. Причината се новите откритија кои го поврзуваат сточарството со уништувањето на амазонските шуми.
Малопродажните синџири ја донесоа одлуката откако беа објавени резултатите на независната истражувачка група „Reporter Brasil“ и непрофитната организација со седиште во Вашингтон, „Mighty Earth“. Тие го следеа бразилското говедско месо поврзано со уништувањето на шумите, а тоа месо, без разлика дали е свежо или преработено, се продава во европските продавници.
Станува збор за производи чие потекло е од крави одгледувани на површина создадена со нелегална сеча на шуми. Понатаму се продавале на добавувачи кои дополнително ги гоеле и ги доставувале до најголемите бразилски компании за преработка на месо како „JBS“, „Marfrig“ и „Minerva“, а тие на европските трговски ланци.
Според Financial Times, во малопродажбата на нашиот континент, овој вид месо се продава главно во форма на сушено и солено говедско месо, како и стекови.
Досега, горенаведените бразилски компании ветиле дека ќе преземат мерки за спречување на дистрибуцијата на месо од добиток во областите каде што некогаш имало шуми кои често ги нарекуваме „бели дробови на Земјата“, но досега тоа нема ефект.
„Не толерираме каков било вид непочитување на животната средина, автохтоните заедници или бразилското законодавство“, се вели во соопштението на JBS по објавувањето на резултатите од истражувањето. Посочуваат дека при купувањето документите што ги добиле од директниот добавувач биле во согласност со законот.
Bloomberg наведува дека во „Minerva“ изјавиле дека индиректните добавувачи наведени во ова истражување не се на нивниот список и дека фармите кои директно им продаваат стока се „чисти“. Но, тие исто така изјавиле дека доверливи и достапни податоци за целосно следење на добитокот во Бразил, вклучувајќи ги и индиректните добавувачи, во моментов не се достапни.
Притисокот за запирање на уништувањето на шумите беше особено засилен минатиот месец, по климатскиот самит COP26 во Глазгов, каде што повеќе од 100 земји од цел свет се обврзаа до крајот на 2030 година да го прекинат производството на месо што потекнува од говеда одгледувани на земјиште каде што се исечени прашуми и савани.
Кога станува збор за увоз од Бразил, земјите членки на Европската Унија увезуваат говедско и телешко месо токму од таа земја. Според последниот извештај на Европската комисија, во првите десет месеци од годинава ЕУ увезла 65.131 тон, што е 35 отсто од вкупниот увоз на тој вид месо. Вредноста на оваа трговија е 300 милиони евра.