Сончоглед (Helianthus annuus), едногодишно растение чие име потекнува од големите цветови со дијаметар од 15 до 45 см и облик во форма на сонце, растение со многу специфична навика цветовите да се вртат кон сонцето. Пренесена од Америка во Европа во 16 век, оваа култура денес е една од најодгледуваните за производство на сончогледово масло кое е едно од нај распространетите рафинирани масла за јадење. Денес се одгледува на големи површини во САД, Русија, Франција, Германија, а кај нас е застапен во Пелагонија, Повардарието, Струмичко, Штипско, во Скопскиот регион и во Полог.
Сончогледот не успева на кисела, мочурлива и премногу солена почва, а успева на почви со неутрална или малку алкална реакција. Како предкултури за сончогледот се препорачува да се избегнуваат грашок, соја, грав, шеќерната репа. Треба да се избегнува засадување на сончогледот на исто место неколку години по ред, бидејќи ова растение за една година го впива максималниот износ на сите минерали, па поради ова се препорачува оптимален период на пауза од 3 до 4 години. Треба да се води сметка и за количината на водата во почвата, сончогледот не милува почви со големи количини на вода.
Сеидбата на оваа култура може да започне кога температурата е 10 степени, при што семето брзо се разива и се зголемува ртењето. Ако се сее порано и на ладна почва, семето нема да изрти и ќе дојде до разредување на насадот. Стандардната длабочина на сеењето е од 4 до 6 см, во подрачја со сува клима се сее подлабоко меѓу 6 и 10 см, а на глинести почви со многу влага меѓу 5 до 6 см. Сеењето на сончогледот се врши во редови од 70 см со што се овозможува рачно плевење и обезбедување на секое растение доволна површина за хранење. Кореновиот систем на сончогледот користи вода која е недостапна за другите растенија бидејќи продира до поголема длабочина. На ова растение му треба влага во сите фази на раст и развој. Растението нерамномерно ги користи хранливите материи. Пред да цвета кога коренот и воздушниот дел од растението активно растат, се троши многу азот и фосфор. Калиумот му е потребен на сончогледот во текот на целата фаза на раст и развој и особено пред да почне да цвета.
Азотот го подобрува растот, фосфорот е важен до почетокот на 4 пар лисја, калиумот е значаен за формирање на зрната и го зголемува приносот, а борот се внесува со помош на ѓубрива и е значаен во доцните фази од развојот на растението. Плевелите се сериозен проблем па ова растение треба да се плеви најмалку трипати.
Бербата на сончогледот започнува кога задниот дел од питата пожолтува, а бојата на семето ќе добие стандарден интензитет за сортата. Од 1 хектар може да се добие 1,5 до 3,5 тони сончоглед.
Заклучок:
- Ова е пролетна култура, што значи дека производниот циклус започнува напролет завршува наесен и трае само 100 до 150 дена во зависност од сортата и технологијата.
- Тоа е отпорно растение на суша, односно е прилагодено на нашата клима
- Со соодветна технологија на производство се постигнуваат високи приноси, а содржината на маслото во семето е од 50% до 54 %.
- За сеидба на 1 хектар потрени се 5 до 10 кг. семе
- Достапност на цел сет земјоделска механизација за целиот процес на производство
АПРЗ РЕ Скопје
Дипл. инг. агр. Владимир Пинзовски
