Во организација на Здружението за еколошко одржлив развој „Зелен институт“, во партнерство со Националното здружение на сопственици на приватни шуми, денеска во Берово ќе се одржи Регионален форум на Источниот плански регион посветен на одржливиот третман на биоотпадот.
Настанот, што е дел од проектот „Нула биоотпад: Системски промени во партнерство со граѓаните“, се реализира во рамки на програмата Цивика Мобилитас, поддржана од Владата на Швајцарија.
Целта на проектот е да придонесе кон транзиција кон општини со „нула отпад“ преку системско подобрување на управувањето со биоотпадот, намалување на загадувањето и ризиците од пожари, поефикасно искористување на ресурсите, рационализирање на работата на јавните комунални претпријатија и поттикнување на циркуларната економија.
Поздравни обраќања на форумот ќе имаат градоначалникот на Берово, Петар Ружински, и Зорица Стрезоска од Секторот за Европска Унија при Министерството за животна средина и просторно планирање. Настанот ќе го модерира Лилјана Поповска, додека презентации ќе одржат техничката експертка Катарина Георгиевска и финансискиот и институционален експерт Аријан Тоска.
На форумот се поканети градоначалници и директори на јавните комунални претпријатија од сите 11 општини во Источниот плански регион – Берово, Виница, Делчево, Зрновци, Карбинци, Кочани, Македонска Каменица, Пехчево, Пробиштип, Чешиново-Облешево и Штип, како и претставници на Центарот за развој на Источниот плански регион, индустријата, земјоделските и шумските стопанства, стопанските комори и медиумите.
Во рамки на настанот ќе биде презентирано базично истражување за управување со биоотпад, кое содржи мултисекторски анализи и предлози за технолошки, финансиски и институционални модели. Преку дискусија и консултации со учесниците ќе се избираат најприменливите решенија, а усвоениот концепт ќе претставува основа за изработка на пред-физибилити студија за управување со биоотпадот.
Според организаторите, студијата треба да им помогне на општините во идентификување извори на финансирање и модели за практична реализација на идните системи за управување со биоотпад.
Анализата во рамки на базичното истражување ги опфаќа количините и составот на биоотпадот од домаќинствата, индустријата, земјоделството и шумарството, можните технологии за третман преку децентрализирани и централизирани решенија, финансиските аспекти на различните алтернативи, како и институционалните модели што вклучуваат јавни комунални претпријатија, меѓуопштинска соработка и јавно-приватни партнерства.
МИА
