Месечниот извештај на Европската комисија за трговијата со земјоделско-прехранбени производи покажува дека во август 2022 година таа достигнала вкупна вредност од 35 милијарди евра во Европската Унија.
Во истиот месец, трговскиот биланс достигнал највисока вредност во годината, 5,6 милијарди евра. Вредноста на извозот е зголемена за шест отсто, а на увозот за три отсто во однос на јули 2022 година.
Извозот на земјоделско-прехранбени производи во август достигнал 20,3 милијарди евра, а вкупниот, во првите осум месеци од годинава, изнесувал 148 милијарди евра. Тоа одговара на 75 отсто од вредноста на вкупниот извоз во 2021 година.
Највисоки вредности во осмиот месец се однесуваат житните производи во износ од 1,7 милијарди евра, пченицата 1,6 милијарди евра и виното 1,4 милијарди евра.
Најмногу производи од житни култури се извезени во Обединетото Кралство, Кина и САД. Регионот на Блискиот Исток/Северна Африка (МЕNА) и субсахарска Африка учествуваат со голем удел во извозот на пченица. Само во август во регионот МЕNА пристигнале два милиони тони пченица, што претставува 48 отсто од нејзиниот вкупен извоз. 1,5 милиони тони пристигнале во субсахарска Африка, што е 34 проценти.
Од почетокот на годината до август 2022 година, 36 отсто од виното на ЕУ било извезено во Северна Америка, додека 27 отсто во Обединетото Кралство, Швајцарија и Норвешка.
Увоз од Бразил, Обединетото Кралство и Украина
Увозот од ЕУ се зголемил за три отсто и достигнал 14,7 милијарди евра во август 2022 година. Вкупниот увоз на ЕУ во првите осум месеци од 2022 година изнесува 110,9 милијарди евра, што одговара на 85 отсто од годишниот увоз во 2021 година.
Во август 2022 година, ЕУ главно увезуваше од Бразил, Обединетото Кралство и Украина. Од Украина увозот е зголемен за 19 отсто во август во однос на јули, главно поради зголемувањето на увозот на маслодајна репка за 469 отсто и пченица за 246 отсто. Кога станува збор за пченката, увозот во август пораснал за 77 отсто, најмногу поради летната суша која влијаеше на приносите во земјите од ЕУ.
Во фокус трговијата со Индија
Индија е во групата на најголеми трговски партнери на Унијата, која повеќе увезува од таа земја отколку што извезува, кога станува збор за земјоделскиот и прехранбениот сектор. Најмногу се увезува кафето, чајот, какаото и зачините во вредност од 521 милион евра, а потоа сојата, оризот и сировиот тутун.
ЕУ во Индија најмногу извезуваше растителни влакна, млечни производи и овошје (јаболка и круши), како и јаткасти плодови.
Напишете коментар