Поскапува пченката на светскиот и европскиот пазар. Најголемо влијание има намаленото производство и извозот од Украина. За Европа тоа значи недостиг од оваа житарка, кој ќе биде продолжен и следната година, пишува Агрархеуте.
Блокадата на пристаништата во Црното Море, новите санкции кон Русија кои ќе се одразат на снабдувањето и цените на енергијата и сушата во делови од светот се одразуваат на пазарот, неговата понуда и цените.
Увозот на пченка ќе биде ограничен, а Европската комисија очекува тој да падне на само 9 милиони тони следната сезона, од 14 милиони тони во тековната маркетиншка година 2021/21.
Недостигот е само вовед во уште едно поскапување на житарките. Увозниците мора да бараат други добавувачи за да ги покријат нивните потреби за увоз.
Украина е главен снабдувач на ЕУ
Беноа Фајауд, пазарен аналитичар во „Strategie Grains“, вели дека една од последиците може да биде многу тешка ситуација на глобално снабдување. Веќе имаше мала понуда во ЕУ во маркетиншката 2020/21 година, а за тековната сезона 2021/22 аналитичарите очекуваа многу подобра ситуација.
Според податоците на ЕК, земјите членки на ЕУ увезле околу 12,2 милиони тони пченка до 3 април. Главни добавувачи биле Украина со 6,7 милиони тони (55%), Бразил со 3,3 милиони тони (14%), Канада и Србија, секоја со над 600.000 тони и Русија со 370.000 тони. Најголеми клиенти биле Шпанија со 4,9 милиони тони, Холандија 2,2 милиони тони, Португалија 1,2 милиони тони, Италија 1,1 милиони тони и Ирска со 690.000 тони.
Нерамномерно снабдување
Германија купила 40.000 тони од трети земји и од Украина. Најмногу Германија увезува од Романија и Франција. Од крајот на февруари, транспортот на украинските житарки е речиси целосно блокиран, а напорите дел да се извади дел преку железницата веројатно ќе бидат многу несоодветни. Фајауд вели дека ситуацијата открила слабости на пазарот, дефицит меѓу домашната понуда и побарувачка, кој во последните години изнесувал во просек околу 13,5 милиони тони.
Во исто време паднаа цените на украинската пченка поради големите залихи и неможноста за извоз. Причината е што во моментов може да се извезува само со железница преку западната граница. Според Аpk-inform, цените за испорака на полската граница се движеле од 230 до 240 долари за тон, додека на границата со Словачка паднале на 245-260 долари/тон. Цената на испорака преку романското пристаниште Констанца се движела од 300 до 315 долари/тон.
Залихите на пченка во Украина на крајот на март изнесувале околу 13 милиони тони.
Кон крајот на минатата недела, пченката била испорачана до извозните пристаништата во американскиот залив по цена од 360 долари за тон. Во Франција, клиентите морале да издвојат од 415 до 425 долари по тон, пренесува Agroklub.
