Зачекоривме во септември, наскоро ќе исчезнат летните горештини и се надеваме дека пријатните температури ќе овозможат да се направат престојните земјоделски активности. Треба да ги засукаме ракавите затоа што имаме уште многу работа. Дојде време за берба, складирање и подготовка на зимница, а ова е месецот во кој се сеат и се садат некои видови зеленчук.
Берење и подготовка на зимница
Сепак, пред да сееме нови видови, треба да го собереме она што останало во градината и да подготвиме зимница што ќе не зајакне за време на студените месеци. Така, на ред за вадење се компирите, морковите и магдоносот, кои треба добро да се исчистат, исушат и да се одделат расипаните, оштетените и оние со послаб квалитет и со можни симптоми на болест.

Интензивно се берат домати од кои се подготвува домата, како и пиперки и модри патлиџани за ајвар. Може да се бере и блитва, целер, цвекло, праз, зелка и слично. Тиквите се оставаат целосно да созреат со цел да се соберат одеднаш и да се чуваат што е можно подолго во текот на зимата. Ако сакаме да го продолжиме времето на берба на некои зеленчукови култури, можеме да ги покриеме со агротекстили или да направиме мали оранжерии.

Што се однесува до бербата на овошјето, веќе се зрели есенските сорти на јаболка и круши, потоа се барат лешници и ореви. Најдобро е овошјето да се бере и да се чува во дрвени гајби и слични кутии на темно и ладно место.
Од него можеме да подготвиме разни џемови, компоти, сокови и слично.
Стартува есенската сеидба на зеленчук
На некои видови зеленчук, веќе им е време повторно да се сеат. Се сеат земјоделските култури што се собираат во доцна есен, но исто така и во текот на зимата и следната пролет. Во септември, се сее зелена салата, блитва, а се сади и кромид и лук.

На есен, повторно се сее ротквица, црна ротквица, рукола и спанаќ бидејќи тие не толерираат топлина и во текот на летото брзо се „претвораат“ во семе.
Има работа и во декоративниот дел од градината
Септември е шарен месец бидејќи многу цвеќиња обилно цветаат и после летните горештини. Но, за жал, не за долго, бидејќи ниските температури и мразот ќе ги уништат.
Што се однесува до декоративниот дел од градината, има многу работа. Соберете го семето од цвеќињата што сакате да ги зачувате, покрај тоа, можете да соберете и семе од зеленчук, од лековити и зачински билки. Имајте во предвид дека семето може да биде носител на болести, затоа собирајте го само од здравите растенија.
Цветовите сè уште треба да се одржуваат, треба да се отстранат прецветаните, а особено кај повеќегодишните цвеќиња и кај розите.
Правила за прихранување
Летните цвеќиња ќе цветаат и ќе бидат убави додека не се појават првите мразеви, па затоа прихранете ги, бидејќи колку подолго се засадени, толку повеќе хранливи материи ќе троши. Сепак, не правете го тоа со украсните дрвја, живата ограда и розите, бидејќи тие можат да пуштат млади ластари кои можат да бидат уништени од мразот.
До средината на октомври, летните цвеќиња треба да се откорнат, а градината да се ископа и да се подготви за садење нови цвеќиња на есен или пролет. Ако мразот ги уништи вашите летни цвеќиња, можете да засадите, на пример, зимски љубичици.
Извор: Агроклуб
