Птичјиот грип пустоши низ Велика Британија. Поради оваа болест угинале дури половина од мисирките од слободно одгледување, кои требало да се најдат на полиците во продавниците за Божиќ. Според Ричард Грифитс, извршен директор на Британскиот совет за живина, од 1,3 милиони птици кои се одгледуваат, угинале речиси 600.000, пренесува Farmersjournal. Десетици илјади птици угинале годинава од високо заразниот сој H5N1 ширум светот, а во Обединетото Кралство веруваат дека вирусот дошол однадвор преку дивите птици. Првите случаи се појавија во Норфолк, Сафолк и делови од Есекс, поради што Владата воведе задолжителна мерка за чување на птици во затворени простори.
Угинувањето на птиците е голем удар за живинарската индустрија во земјата, рече Грифитс во своето обраќање пред британскиот парламентарен Комитетот за животна средина, храна и рурални прашања. Додаде дека 36 отсто од живинарските фарми во моментов се под контрола поради потенцијалното ширење на вирусот. Одгледувачите велат дека не се сигурни дали цените ќе пораснат, но очекуваат проблеми со снабдувањето со мисирки од слободно одгледување.
Пол Кели, сопственик на одгледувачница за мисирки што ги снабдува фармите низ Обединетото Кралство, рекол дека мисли дека ќе има само проблем со снабдувањето и дека тоа не би требало да влијае на зголемувањата на цените. Сепак, би можело да дојде до недостиг. Министерството за животна средина, храна и рурални прашања и Британскиот совет за живина соопштија дека не би требало да има проблеми со другите видови живина.
