На крајниот исток на Хрватска, во Ердут, вчера точно напладне, на пригодна церемонија протече вино од најголемото буре во светот, со капацитет од 75.000 литри, во кое една година одлежа локалната грашевина.
„Станува збор за вино од бербата 2020 година, со 13 отсто алкохол и шест грама вкупни киселини“, откри главниот енолог на Ердутските лозја, Дамир Рисек.

„Ова буре е наша гордост и радост и дел од туристичката понуда, а со тоа и споменик на најдоброто дрво во светот за одлежување на вино – а тоа е славонскиот даб“, додаде Рисек.
Направено е во 1989 година, а секоја низа претставува едно стебло од даб, кои заедно ги држат дури 3,5 тони железен оков.
Во наредните денови од него ќе се полнат шишиња грашевина од специјална лимитирана серија, кои наскоро ќе се најдат на пазарот.
Очекуваната цена за едно шише е 60 куни (8 евра), а ќе може да се набави во нивната винарија, во малопродажната мрежа и во одредени ресторани.

Ердутската винарија со капацитет на визбата од шест милиони литри и 450 хектари насади е една од најголемите во Хрватска, а дури 70 отсто од нејзината површина со лозје опфаќа грашевината.
Во последните три години дел реструктуирале, обновиле 89 хектари, така што моментното производство им е на ниво од 2,5 милиони литри, изјави Дуња Вукмировиќ, член на управниот одбор на оваа компанија.

Големото буре на Ердутската винарија е најголемото буре за вино во употреба во светот, вели таа. Собира 75.000 литри вино (100.000 шишиња), а е направено во 1989 година во фабриката ДИК Ѓурѓеновац. Долго е шест метри, а обемот е пет метри, а за негова изработка била потребна речиси цела славонска шума – дури 109 дабови стебла.
Дрворезот на бурето е додаден десетина години подоцна, благодарение на славонскиот скулптор Мато Тијардовиќ и неговата ликовна колонија. Украсено е со елементи од хрватскиот плетар, Тајната вечера, мотиви од работа во лозјата и прославите по нив.

Извор: agroklub.rs
