Студија за хидрогеолошките карактеристики на Белчишко блато (Сини вирој) беше промовирана во просториите на Општина Дебрца, во издание на здружението за екологија и туризам „Екотуризам 2016“ од Охрид.
Во изработката на студијата, како што информираа претставниците од „Екотуризам“, Ѓоко Зороски и Гоце Колески, биле вклучени хидрогеолози и тимот од Здружението.
– Студијата ги дефинира хидрогеолошките карактеристики на теренот на поширокиот простор на блатото со вкупна површина од околу 100 километри квадратни. Taa дава предлог за воспоставување мониторинг на квантитативни и квалитативни карактеристики на подземните и површинските води. Изработени се и карта на ранливост на подземни води и карта на ризик од загадување на подземни води, кои треба да се земат во предвид во идниот развој и просторно планирање на регионот, посочија од Здружението.
Блатото, според градоначалникот Зоран Ногачевски, е хидрографски објект од стратешко значење за општината и поширокиот регион.
– Во услови кога светот се бори со климатски промени и кризи за вода, Белчишко Блато има постојана издашност од два до три метри во секунда вода, што теоретски е доволно за водоснабдување на град со околу 400.000 жители, посочи Ногачески.
Студијата е дел од активностите кои „Екотуризам 2016“ Охрид ги спроведува во процесот на прогласување на блатото кој е во тек, а е достапна и на англиски јазик.
МИА
