По оптимистичките прогнози за продажба на инсектициди и семиња, „Corteva Inc“, водечката американска компанија за земјоделски, хемиски и семенски производи, очекува цените на житарките и маслодајните семиња да останат високи оваа година со рекордно ниво на побарувачка.
„Corteva Inc“ објави прогноза за продажба за 2022 година, што е над очекувањата на пазарот. Овој производител на инсектициди и семиња има корист од високата побарувачка и повисоките цени. Американските производители однапред купуваат семиња и хемикалии во обид да обезбедат залихи за претстојната пролет, во услови на раст на цените поради проблеми со работната сила, намалената глобална понуда на ѓубрива и хемикалии и зголемената побарувачка, пренесува agroklub.com.
Рекордни цени на житарките и маслодајните семиња
Така, продажбата на производи за заштита на растенијата на оваа компанија во кварталот се зголемила за 6 отсто, предводена од хербицидите Enlist и Arylex и инсектицидите Isoclast, додека силната побарувачка за пченка во Латинска Америка ја зголемила продажбата во сегментот на семиња за 12 отсто.
Цените на житарките и маслодајните семиња се очекува да останат високи оваа година и на рекордно ниво. Цените и побарувачката на сојата и пченката нагло пораснаа, благодарение на повторното отворање на економиите и закрепнувањето во секторот на етанол.
„Конзистентноста на глобалната побарувачка продолжува да одговара на барањата за обновливи горива, како што е биодизелот. Ова ќе ги поддржи здравите нивоа на земјоделски цени“, рече извршниот директор на Кортева, Чак Марго.
Соја наместо пченка?
Но, одгледувањето пченка во САД е дискутабилно, бидејќи е потребно повеќе ѓубриво за таа култура. Сеидбата во 2022 година ќе биде ограничена со намалената количина на ѓубрива и откажувањето на земјоделците од тоа производство. „Corteva Inc“ очекува дека високите цени на ѓубривата ќе поттикнат многу земјоделци да почнат да одгледуваат соја, што ќе ја зголеми побарувачката за нивниот Enlist, сорта биотехнолошко семе од следната генерација и комплементарните хербициди за него.
Пазарниот удел на оваа сорта во вкупната засадена површина на ова маслодајно семе во САД може да се зголеми на најмалку 40 проценти во 2022 година од 35 проценти во 2021 година.
