
Во производната практика силно се чувствуваат промени на одредени климатски елементи. Промените на климатските фактори придонесуваат кон влошување на условите за производство на голем број наши традиционални овошни култури. Честопати појавата на краткотраен град, екстремно ниски температури, доцни пролетни мразеви, топлотен бран или силен ветер, може да бидат доволни да го компромитираат или уништат целокупниот род во насадите од било која овошна култура. Поради големата зависност од еколошките услови, овоштарството спаѓа во групата на најранливи категории кон климатските промени.

За моменталната состојба во овоштартсвото кај нас, климатските промени, што треба да превземат производителите и каква долгорочна стратегија е потребна за оваа гранка, разговараме со Професор Марјан Кипријановски од катедрата за овоштарство при Факултетот за земјоделски науки и храна.
„Благодарение на високите температури во зимскиот период и оваа година овошните растенија порано започнаат со будење на вегетацијата. Тука пред се се мисли на коскестите овошни видови особено кајсијата, праската, бадемот кои во овој период се наоѓаат во фаза на цветање, а во некои региони и некои сорти кајсија веќе е во фаза на прецветување. За несреќа на овоштарите и оваа година повторно се појавија доцните пролетни мразеви, па и снег кои во некои региони веќе направија штети, особено во насадите од кајсијата. Другите култури се во позадоцнета фаза, се уште не се процветани така да кај овие култури засега нема некоја штета предизвикана од ниските температури – вели Кипријановски и додава дека според прогнозите кои се најавуваат за наредните две недели, ќе нема појава на ниски температури така да овоштарите може да здивнат и да преземаат други мерки за одгледување на насадите.
„Во наредниот период овоштарите треба да ги применуваат мерките за заштита од болести и штетници. Поради топлото време во зимскиот период и во оваа година се очекува поголем напад, на насадите особено на штетните инсекти. Во насади каде досега не е извршено основно ѓубрење во овој период треба и таа мерка да се примени, Притоа треба да се води сметка за растворливост на ѓубривата. Класичните гранулирани ѓубрива со помала растворливост фрлени во овој момент нема да го дадат очекуваниот резултат. Заради постигање на поголем ефект од ѓубривото во овој период мора да се користат комбинирани ѓубрива со поголема растворливост, кои се поскапи, но се многу поефикасни и хранливите материи ќе бидат искористени од растенијата – советува Кипријановски.
Во врска со важноста или пресудноста на сортиментот за добивање конкурентен производ, професор Кипријановски вели дека сортиментот е важен но не значи дека новите сорти секогаш се добро решение доколку не се испита нивното прилагодувње на нашите услови.

„ Во принцип кај поголем број овошни култури имаме застарен сортимент, со сорти кои не одговараат на потребите на современите потрошувачи, но и на производителите. Тука пред се се мисли за јаболката, праската, сливите, кајсијата, а во помала мера и на другите култури. Во новите насади треба да се води сметка да се користат квалитетни, родни сорти прилагодени на нашите еколошки услови. Не треба да се оди со садење на нови сорти по секоја цена. Секоја нова сорта не значи дека и во наши услови ќе даде задоволителни резултати. За секоја сорта пред да се воведе во наше производство претходно треба да се испита како се однесува во нашите климатски и производни услови. Во услови на изменета клима при изборот на сортите меѓу другите својства треба да се обрне внимание и на времето на цветањето. Сорти со подоцно цветање се помалку ризични при појава на ниски температури. Но доцното цветање не секогаш е и гаранција дека одредена сорта ќе се спаси од оштетувања кои може да ги предизвикаат доцните пролетни мразеви. Порано доцните мразеви се јавуваа најдоцна во втората половина на април, така да оние сорти и видови кои подоцна цветаа се спасуваа од оштетување. Како резултат на климатските промени доцните мразеви започнаат да се јавуваат и во крајот на месец април кога сите овошни видови и сорти во најголем дел од производните региони се веќе во поодминати фази на развој, така да доцното цветање не е гаранција и за спас од мразевите – вели Кипријановски.

Според него, долгорочно како решение е инвестиција во системи за заштита од мраз.
„Од овој аспект гледано во наредниот период овоштарите повеќе треба да обрнат внимание на инсталирање на системи за заштита од мразеви, особено антифрост системите со микродождување, кои масовно се користат во развиените овоштарски земји. Може да се размислува и за набавка на опрема за најразлични начини на загревање на насадите во периодот на појавата на ризичните ниски температури. Секако овие мерки и инвестиции ги зголемуваат трошоците за одгледување на насадите, со тоа се зголемува производната цена, но се неопходни за прилагодување на климатските промени. Дел од инвестициите за заштита од мразевите се инкорпорирани и во програмите од ИПАРД кои може да ги користат нашите овоштари“ – препорачува Кипријановски.

Напишете коментар