Со прибирањето на родот од земјоделските површини во атарот на селата Спанчево и Соколарци, привршува жетвата на оризот од овогодишната реколта во кочанскиот регион.
Жетвените активности задоцнија околу еден месец, пред сè поради обилните врнежи во текот на октомври и присуството на вода во нивите, а земјоделските производители се пожалија и на недоволниот број комбајни и друга механизација.
-Досега жетвата на оризот во Кочанско е реализирана со околу 95 отсто, а според сегашната динамика очекуваме до почетокот на идната недела целосно да биде завршена. Приносот по хектар е нешто повисок од просечните 5,5 тони, но квалитетот на зрното е послаб од минатата година, што значи дека рандманот ќе биде под очекуваните 50 отсто. Негативно влијание врз вегетацијата на оризовото стебло имаа неповолните временски услови во периодот после сеидбата, но и тримесечниот период со натпросечно високи дневни температури во текот на летото. Сето тоа, заедно со високата влажност на почвата во текот на жетвата, придонесе за послаба реколта од минатогодишната – истакна Горан Миладинов, раководител на Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Кочани.
Послабиот квалитет на арпата, заедно со повисоката влажност на зрното, влијае и врз откупните цени, а во зависност од сортата, откупно-преработувачките претпријатија на земјоделските производители им исплаќаат меѓу 16 и 20 денари за килограм.
На површините во кочанската котлина пролетва со ориз беа засеани околу 4.200 хектари, од кои се очекува да се добијат над 23 илјади тони арпа.
MИА
