Компирот е култура со големо значење за човековата исхрана. За таа цел фармерите се заинтересирани да ја одгледуваат, бидејќи е високо доходовна култура со која за краток временски период се остваруваат приноси кои се многу рентабилни.
ШТО ВЕЛИ НАУКАТА ЗА ОВА ПРОИЗВОДСТВО:
Најдобри приноси од компирот се добиваат кога средните месечни температури на воздухот не ја поминуваат границата од 19°C, што значи дека температурните услови се многу важен фактор за одгледување на компирот. Во некои региони температурата негативно влијае врз развитокот на компирот ако таа се движи околу 0° и -1°C. Во таквите услови на одгледување компирот е осетлив (листот се спржува) на пролетните мразеви, а подоцна компирот има способност да ги обнови, но приносот ќе биде намален.
За одгледување на компирот пожелно е да се користат лесно растресити почви кои се богати со хумус и се со слаба кисела реакција односно pH од 5-6%.

За добивање на рано производство на компир потребно е да се изберат сорти на компир со покуса вегетација од 55 до 65 дена. При изборот на сортата пожелно е фармерот да се консултира со со стручно лице бидејќи на пазарот се нудат разни сорти по квалитет и вегетација на зреење. Изборот на сортата е еден важните фактори за остварување на висок принос. За да се остварат високи приноси од раните сорти на компир, фармерите треба да применуваат соодветна модерна технологија и норми на ѓубрива и наводнување. Количествата и начинот на ѓубрење на компирот се базира врз основа на претходно извршена почвена анализа. Како важна агротехничка мерка количествата на ѓубре имаат за цел да обезбедат доволно хранливи материи за остварување високи приноси. Компирот има големи потреби од хранливи материи и се вбројува во културите што бараат поголеми количества на минерални ѓубрива. Со употребата на овие ѓубрива важно е да се води сметка на потребните норми на употребата на ѓубривата по единица површина. Одгледувањето на компирот и остварениот принос ќе зависи од тоа дали се одгледува на отворено поле или во пластеници.
Потребно е да се знае дека раните сорти со краток вегетатициски период имаат поголема потреба од азот. Исто така при исхраната на компирот треба да се обрне внимание на елементите калциум и магнезиум кои играат главна улога во остварувањето високи приноси. Ѓубривата се применуваат на три начини: со заорување, пред сеидба со прихранување и прихранување со наводнување капка по капка. Количествата на комплексните ѓубрива се движат ид 800 до 1000 кг по ха. Раниот компир бара ѓубриво во одделни елементи кои се лесно растворливи во зависност од типот на земјиштето.
Најоптимален рок за садење на рано производство на компирот е кога температурата на почвата изнесува 7-8°C. Во такви временски услови компирот може да се одгледува во пластеници. Во подрачјето со такви климатски услови садењето на компирот во пластеници може да се започне во првата декада во февруари. Во подрачјето со такви климатски услови садењето на компирот во пластеници може да започне во првата декада во февруари. Во пластениците, компирот може двојно да се заштити со употреба на втора фолија или АГРИЛ, која со голем успех го заштитува раното производство на компир без ризици од измрзнување. Во врска со густината на садењето на компирот во пластеници се препорачува густина (60×30 = 55000 растенија или 65×30 = 51000 растение по ха).
Во однос на времето и количествата на вода, за остварувањето висок принос од компирот, исто така, е важен фактор. Првото наводнување на компирот се применува пред бутонизацијата и пред цветањето на компирот, а во услови на одгледување на компирот во пластеници наводнувањето почнува порано. Количеството на вода за едно налевање на раниот компир по м2 ќе зависи од типот на почвата и се движи од 30 до 100мм. По секое наводнување пожелно е , по потреба, прскање против болести и штетници. Во услови кога има врнежи, некои фармери сметаат дека не треба да се наводнува, но во практиката е докажано дека по определен временски период е потребно минимално наводнување во помали количества, но почесто. Кај компирот позначајни заболувања се: пламеницата, црната дамкавости прашината краставост, а инсекти што најчесто го напаѓаат компирот се: компировата златица, лисната вошка и совица.

ШТО ВЕЛАТ ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА КОМПИР:
Постојат многу техники на садење на компир, но за сите нив заеднички е што мора да се испочитуваат барањата на кртолите на компирот според условите за садење.
Кртолите не смеат да се садат многу длабоко , во студено, премногу влажно и збиено земјиште. Некогаш луѓето садењето на компирот го поврзувале со почетокот на цветањето на глуварчето.
Времето на садењето на компирот зависи од многу фактори: локација, температура на земјиштето, појава на мраз, дождлив период, снег, избор на сорта и квалитет на семенските кртоли.

Во зависност од наведените фактори сеидбата може да се извршува до средината на мај, секако подоцната е погодна за планинските подрачја.
За садењето на кртолите компир изберете парцели со растресито, добро обработено земјиште. Оптималната температура за садење на кртолите се движи од 7 до 15 степени Целзиусови, а може да започне кога температурата на земјата на длабочина од 10 сантиметри достигнува вредност од 5 степени Целзиусови.
Традиционално компирот се одгледува во редови, растојанието меѓу редови е 60 см, додека растојанието во редот е околу 30 см. Кртолите компир не треба да се садат многу длабоко, оптималната длабочина на садење на кртолите е 10 см. Основната обработка (длабоко орање) 20-30 cm и оставање на отворени бразди во почвата, кај нас изнесува од 6000 до 7000 денари за хектар, зависно од местоположбата на земјиштето.
Густината на садење има влијание врз големината и квалитетот на кртолите и може да има негативно влијание врз здравјето на растението зависно од нивниот број.
За еден ха површина е потребно 1.200 – 1.300 кг, или 60.000 кртоли/ха. Цената изнесува 120 ден/кг, или за еден ха само за семенски компир земјоделецот треба да издвои околу 150.000 денари.
Кај нас најзастапена е сортата Агриа, семенскиот компир земјоделците го набавуваат од земјоделските аптеки, а доаѓа од увоз, најчесто од Холандија.
СУБВЕНЦИИ
Висината на директните плаќања за компир изнесува 30.000 денари по хектар, односно 36.000 денари по хектар за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска поддршка од минимум 1 ха до максимум 5 ха.

За да може да бидете корисници на субвенции и да аплицирате за ИПАРД мора да бидете евидентирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства.
Тоа значи дека треба да отидете во подрачната единица на министерството за земјоделство, во местото на живеење евидентирано во личната карт, за да се запишете во ЕРЗС.
Барање за упис може да се поднесе секој работен во текот на годината. Образецот – барање како и листата на потребни документи се подигаат во подрачната единица на министерството каде и ќе ви помогнат околу целата постапка.
На овој начин, вие влегувате во систем како земјоделско стопанство и исполнувате еден од условите да станете корисник на субвенции и мерките од програмата за рурален развој.
Останува да ги следите и запазите роковите за пријавување за финансиска поддршка кои редовно ги соопштува Платежната агенција, а информации можете да добиете и во подрачните канцеларии на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

АГРОТЕХНИЧКИ МЕРКИ
Откако ќе се посади компирот, после десет до четиринаесет дена се врши нагрнување, за да му се овозможи на коренот да формира кртоли. Огништето ги заштитува кртолите од превисоки температури или од недостиг на влага, висината на куќичката е 30 до 35 см од дното на самата бразда.
За квалитетен компир со принос од 40 т/ха просечно се потребни: 150 кг/ха азот, 160 кг/ха фосфор и 250 кг/ха калиум. За да се задоволат потребите на компирот потребни се 2.500 – 3.000
м3 /ха вода во вегетациониот период а колку често ќе се наводнува зависи од почвата и временските услови односно дали и колку има паднато дожд за време на вегетацијата. Количината на вода при едно наводнување изнесува од 40 до 60 л/м3.

Бербата на компирот треба да се изврши кога почвата не е влажна, кртолите се суви и лесно се чистат, 2-3 недели откако ќе опаднат листовите. Компирот не треба да се вади на температура под 12°С ниту на температура над 32°С.
Ка нас нема организиран откуп и откупни пунктови за компирот,секој производител се снаоѓа како знае и умее, во трговската мрежа или на зелените пазари низ државата, цената се движи од 20 до 25 денари за килограм.
Не смее да се одгледува на иста површина после 3-4 години,компир треба да се сади после фуражни култури детелина или луцерка во плодоред и има најдобар принос. Компирот може да оди во плодоред со салата, карфиол, кромид, жита, детелини а не смее да оди во здружен посев или во плодоред со домат, модар патлиџан, пиперки, тутун.
ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА КОМПИР МОЖЕТЕ ДА АПЛИЦИРАТЕ ПРЕКУ ИПАРД
Минимум површина од 0,5 ха. Може да се аплицира преку Мерка 1 – инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства. .
Преку оваа мерка можете да набавите опрема и механизација, опрема за постбербени активности, изградба на објекти за земјоделска намена, фотоволтаици само за сопствени потреби и системи за наводнување.

ОСИГУРУВАЊЕ – СН ОСИГУРИТЕЛЕН БРОКЕР
Земјоделското осигурување е важна мерка доколку сакате сериозно да се занимавате со некој агробизнис и да бидете сигурни во производството. Токму затоа и Владата на РСМ има мерка со која на земјоделците им субвенционира 60% од осигурителната полиса со што значително се намалува трошокот за осигурувањето.
За подетални информации околу условите за земјоделското осигурување побарајте ги брокерите на СН Осигурителн брокер:
За земјоделско осигурување:
1. Илче Талевски 078 496 899
2.. Гоце Чавдаровски 076 249 602
3. Таше Наумовски 078 455 545
4. Александара Кулевска 078 237 529 емаил:[email protected]