Топлото време во јуни по дождливиот мај им помага на земјоделските култури во Европа да се опорават од студената пролет. Аналитичарите ги зголемија проценките за нејзиното производство во Европската Унија и во Велика Британија од крајот на минатиот месец, а здружението за житни култури „Coceral“ предвидува зголемување од скоро 14 проценти во однос на минатата година.
„Посевите малку заостануваат, но условите се добри. Веќе не можеме да зборуваме за слаби приноси затоа што се вративме на просечните вредности“, рече за Ројтерс Бенјамин Бодарт, аналитичар на Агрител. Додаде дека прашањето за квалитетот е поважно од квантитетот.
Во Романија, проблемите беа предизвикани од обилни дождови, а што се однесува до Франција, по невремето, зголемувањето на температурите треба да го поттикне растот на растенијата. Бодарт вели дека земјоделците очекуваат добри приноси на плитките, но и на длабоките почви.
Според Агрител, приносите во Франција може да бидат 38 милиони тони, па дури и повеќе, поради добрите услови во јуни. Ова е потврдено и од други трговци. Имено, оваа земја собра околу 29 милиони тони жито минатата година, што е еден од најлошите приноси во последните неколку децении.
Оваа сезона, околу 80 проценти од пченицата во Франција е во добра или одлична состојба, според канцеларијата за земјоделство на FranceAgriMer. Развојот на посевите заостанува една недела, велат тие, но трговците очекуваат оваа несразмерност да се премости во наредниот период.
Поголеми приноси низ цела Европа
Топлото време во јуни им годеше и на германските култури, затоа бербата не би требало да доцни.
„На пат сме кон поголем принос“, рече еден аналитичар, додавајќи дека жетвата треба да започне во вообичаената временска рамка на почетокот на август во главните производствени региони. Сепак, тој напоменува дека земјоделците се внимателни поради штетите од сушата и високите температури, кои ги погодија кон крајот на минатите сезони.
Германското здружение на земјоделски задруги предвидува дека приносот на пченица во 2021 година ќе се зголеми за 2,4 проценти на 22,66 милиони тони.
Во Полска, производството може да достигне 12,2 милиони тони во споредба со 12 милиони тони од минатата година, проценува Војтек Сабарански од аналитичката компанија „Спаркс Полска“.
„Веројатно ќе имаме малку понизок род оваа година, бидејќи состојбата на пченицата во земјата е навистина добра“, објасни тој. Тој додаде дека топлото време треба да го намали 10-дневниот застој во растот на растенијата.
Во Велика Британија, подобрите временски услови ги зголемија шансите за нормална жетва.
„Иако рекордните приноси се малку веројатни, во просек се очекуваат околу 15 милиони тони“, рече аналитичарот на „ЦРМ Агри“, Питер Колиер. Сепак, треба да се напомене дека се засеани околу 30 проценти повеќе површини со оваа култура во споредба со минатата сезона. Минатата година оваа земја собра само 9,66 милиони тони пченица, што е најмал принос во последните 30 години.
Што се однесува до изгледите за светско производство на оваа култура, Агенцијата за храна и земјоделство на ООН (ФАО) очекува глобален раст од 1,4 проценти на годишно ниво.
Извор: agroklub.com
