Превентивните мерки и природните средства даваат најдобри резултати во уништување на полжавите, кои прават штета на растенијата.
Полжавите станаа вистинска ноќна мора, а во пролет доволно е влажно и топло за нивните витални активности. Колку растенијата се помали, толку штетите се поголеми. За многу кратко време можат целосно да ги уништат посевите кои сме ги посеале или засадиле.
Голите полжави предизвикуваат многу поголеми загуби од оние со куќичка и скоро да не постои растителен вид кој не го користат за исхрана. Активни се во текот на цела вегетациска сезона.
Сакаат сочна храна и влажни места
Имаат малку природни непријатели. Се наоѓаат на менито на жабите, гуштерите, птиците и ежовите. Наша задача е да се привлечат овие животни во градините, овоштарниците и дворовите.
За што повеќе да се намали нивната бројност, потребно е да се оди со превентивни мерки и природни методи. Спојот на овие две активности е поделотворен од употребата на хемиски средства, односно лимацид. Наједноставен начин за уништување е механичкото собирање на полжави, а полесно се извршува ако имаат куќичка.

Активни се во текот на ноќта, додека во раните утрински часови се кријат во темни и влажни места. Овој факт може да се искористи за да се намамат на една локација. Кога на површината на земјата ќе се остави штица, влажен картон, крпа, саксија, кора од портокал, јаболко, лист од зелка, блитва, репка и друго растение со големи сочни листови, на полжавите таквите места ќе им бидат идеално скривалиште, а ние едноставно само ќе ги собереме.
Исто така, може да се искористи и храна која ги привлекува за да ги намамите. За таа цел добро ќе послужат парчиња јаболко, морков, репка, компир – сè што е доволно сочно. Најдобро е да направете темно и влажно скривалиште во кое ќе оставите малку зеленчук за нив за да дојдат во поголем број.
Оставете им малку палента
Сакаат и пиво и пченкарна палента. Доволно е половина палстична чаша да наполните со пиво и да ја закопате во земја, така што нејзините рабови да бидат рамни со површината на земјата. Тие нема да можат да му одолеат на пивото и ќе паѓаат во садот.
Палентата може да се стави на хартија, да се расфрла на земја, а уште подобро е да се стави во некоја помала пластична кантичка која ќе се легне на земјата. Нејзиниот отвор треба да биде позициониран така што да овозможува влез на овие штетници внатре. Така дождот нема да ја натопи палентата, а таа во цревата на полжавот ќе набабри и ќе предизвика угинување.
Исто така не поднесуваат и некои растенија, тоа главно се лукот, темјанот, мајоранот, сенфот.

Патеките во градината и околу растенијата можат да се посипат со пепел, ова делува само кога времето е суво, пепелот ја суши слузта и го нагризува нивното тело. Добро е патеките да се посипат и со струготина, особено од четинари, но да се направи тоа внимателно поради закиселување на земјиштето.
Кај примената на хемиски средства треба да се знае дека затруените полжави стануваат храна на многубројни животни. Така ќе се предизвика угинување на корисни видови, но и загадување на животната средина.
Направени се препарати за сузбивање на база на хематоди, кои ги паразитираат како и оние на база на железо. Овие средства практично се безопасни.
Градината и дворот задолжително одржувајте ги уредни, сите купишта штици, гранки, камења, градежен материјал треба да се отстранат бидејќи можат да им служат како скривалиште. Искосената трева не ја оставајте да стои долго. Кога е зелена има доволно влага и е сигурна за полжавите. Во период на суша, нивните јајца пропаѓаат и поради тоа бараат влажни и темни места.
Наводнувањето вршете го во текот на утрото за преку ден земјиштето да се суши. Доколку се наводнува навечер, почвата во текот на ноќта ќе биде влажна. Тоа на полжавите им одговара.
Посипувајте им на патот чили пиперка
Во борбата против овие штетници можат да се косристат чили пиперки, наједноставна е онаа во прав на местото каде што се собираат, каде што се движат или околу растенијата кои сакате да ги заштитете.
Од неа може да се подготви и течност која се употребува за третирање на површините, но и на нив самите. Потребно е 100 гр чили пиперка да се залеат со 1 литар вода. Кога ќе зоврие, варете уште 20 минути и оставете два дена. Потоа се процедува течноста, отприлика две шолји, се разредува со 10 литри вода и се додава 20 грама рендан сапун за алишта. Сè добро се меша и се користи за третирање.
Лук и сапун
За течност од лук потребно е да се иситни 100 гр лук и да се прелие со два литри вода. Садот се поклопува, се остава два дена и се процедува. Во тоа се додава пет грама сапун и добро се меша. Една чаша од оваа течност се разблажува со десет литри вода, третирањето на површините е најдобро да се повторува секоја недела.