Покрај правилниот избор на конструкцијата на пластеникот, покривниот материјал и системот за наводнување, организацијата на производниот процес и просторот во пластеникот претставуваат важени фактори за постигнување на висок и оптимален квалитет на производсво на градинарски култури. Основата на успешно пластеничко производство е квалитетно подготвеното земјиште. Основната подготовка започнува веднаш по прибирањето на претходната култура во пластеникот и претставува збир од агротехнички, механички, физички, биолошки и хемиски мерки. Пред почетокот на новото производство неопходно е да се утврдат pH вредноста, содржината на макро и микроелементи, органската материја и структурата на почвата. Врз основа на овие резултати се планира начинот и длабочината на обработка, како и видот и количината на органски и минерални ѓубрива. Особено внимание треба да се посвети на внесување прегорено арско ѓубриво или компост, со што се подобрува структурата, водно-воздушниот режим и биолошката активност на почвата. Несоодветната подготовка може да доведе до збиеност, слаб развој на коренот и намалено усвојување на хранливи материи.
Изборот на култури и сорти претставува суштинска одлука што директно влијае врз продуктивноста и економската исплатливост. При изборот потребно е да се земат предвид агроклиматските услови, техничката опременост на пластеникот, отпорноста на сортите и должината на вегетацијата. Предност имаат сорти со изедначени плодови, добра транспортна способност и продолжен период на берба.
Континуираното користење на пластеничкиот простор во текот на целата година се постигнува со правилно планирање на сеидбата и садењето. Во пролетно-летниот период најчесто се одгледуваат топлољубивите култури домат, пиперка и краставица, додека во есенско-зимскиот период се одгледуваат култури со пократка вегетација, како зелена салата, млад кромид, спанаќ и рукола. Правилниот плодоред го намалува заморот на почвата и појавата на болести и штетници, а воедно овозможува поефикасно искористување на хранливите материи и водата.
Во текот на вегетацијата потребно е редовно да се применуваат агротехнички мерки,како што се правилно формирање на растечката форма ( врзување на растенијата), одржување на оптимална густина на склопот, редовно наводнување и фертиригација во согласност со фенофазата на развојот на растенијата, како и навремена заштита од болести, штетници и плевели. Контролата на микроклиматските услови во пластеникот, односно температурата, влажноста и вентилацијата, е од исклучително значење за правилен раст и развој на растенијата. По завршување на производната сезона, неопходно е темелно чистење на пластеникот, кое вклучува отстранување на растителните остатоци, плевелите и опремата, како и дезинфекција на конструкцијата, алатите и системот за наводнување. По потреба се врши и дезинфекција на почвата, со цел намалување на присуството на патогени и штетници и обезбедување здрава наредна производствена сезона.
Извор: Агрометео
