Минатата недела, забележан е благ пад на цените на пченицата во однос на претходните највисоки нивоа и на почетокот на оваа недела котираа 222 евра по тон. Некои податоци укажуваат дека дошло до пад од скоро 10 евра по тон во споредба со претходната недела. Сега со ова житарка се тргува релативно стабилно по цена од 199 евра за тон, пренесува Агроклуб.
И цените на пченката се исто така нешто пониски, на ниво од 214 €/тон, додека маслодајната репка успеа да одржи високо ниво од 539 €/тон.
И покрај големата побарувачка и малите залихи на пченка, соја и пченица, поголеми проценки за нивно одгледување може да се очекуваат по 31 март во извештајот на американското Министерството за земјоделство (USDA). Станува збор за извештај кој често е главен двигател на пазарот, а аналитичарите предупредуваат дека по добрите индикации за раст на земјоделските култури, ќе дојде до значителен пад на цените.
Дождови во Америка, Египет купува од Романија
Добрите метеоролошки услови за развој на земјоделските култури извршија притисок врз цените на пченицата во Америка, велат аналитичарите, а тоа се рефлектира во намалувањето на пазарот на Европа и Црното Море. Подобрените изгледи за врнежи во САД се совпаѓаат со извештаите за подобри услови кај најголемиот извозник – Русија, но и Украина. Кога станува збор за состојбата на посеаните житни култури, добри вести има и во Европската Унија. Пролетната сеидба во Западна Европа напредува добро, особено кај најголемиот производител – Франција.
Во Франција до 8 март се обработени околу 90 проценти од очекуваните површина со јачмен, што е многу повеќе од минатогодишните 33 проценти, извести земјоделската канцеларија FranceAgriMer.
Минатата недела беа забележани бројни понуди за тендерот на најголемиот увозник на пченица, Египет. Таму се нашла и Русија и покрај високиот данок на извоз. Меѓутоа египетскиот купувач се одлучил за 360.000 тони жито од Романија.
Украина го проширува одгледувањето јачмен
Цените на јачменот на црноморскиот пазар нагло се зголемија поради побарувачката од Кина, а понекогаш и ги надминаа и цените за висококвалитетна мелена пченица, објавија аналитичарите на АПК-Информ минатата недела. Тие исто така наведуваат дека Кина купила околу 2,7 милиони тони украински јачмен од јули 2020 година до февруари 2021 година, што е драстично повеќе во споредба со 800 000 тони претходната сезона.
Украинското Министерство за економски работи предвидува дека жетвата на јачменот годинава може да се зголеми од 7,8 на 9,2 милиони тони поради поголемата површина за сеење и подобрите временски услови. Според најновите податоци на украинскиот Државен метеоролошки центар, само два проценти од полиња со зимска пченица и седум проценти од маслодајната репка се оштетени од студот.
Министерството за економија во Киев проценува дека површината на овие житни култури таму може да се зголеми од 15,2 во 2020 година на 15,7 милиони хектари оваа година. Поволното време исто така може да им помогне на земјоделците да ја зголемат жетвата на житарките од 65,5 во 2020 година на 75 милиони тони оваа година.
