При резидбата можеме да направиме бројни грешки. Поради стравот дека ќе направат повеќе штета отколку корист, многумина прават само санитарна резидба. Ги отстрануваат сувите, скршени, оштетени и гранките со видливи симптоми на болест и присуство на штетници. Понекогаш од страв при отстранување на заболените гранки и гранчиња не се отстранува се до здравото ткиво на дрвото што претставува проблем за следната вегетација и изворот на ширење на болеста.
Резидбата е потребно редовно да се врши за да се извлечат сите позитивни ефекти од оваа мерка. Често се случува тоа да се прави нередовно и со едно кроење да се сака да се надомести сето она што е пропуштено за неколку години, што е невозможно да се постигне. Од друга страна, со прекумерно кроење ја оптоваруваме овошката, негативно влијаејќи на нејзиниот раст, развој и плодоносење.
Терминот на изведување на вакви работи треба да се усогласи со фазите на раст и временските услови.
Најчестите грешки при резидбата се:
- Се користи несоодветна или тапа алатка. Не е исто дали сечеме тенки гранки или подебели гранки. Тапа алатка создава големи рани. По секоја употреба алатката мора да се дезинфицира. Обрнете внимание на изгледот и големината на резот. Сечењето над пупката треба да биде закосено на спротивната страна. Тогаш водата што се излева не оди до пупката, што би довело до нејзино распаѓање.
- Гранките што се преклопуваат не се отстрануваат. Долната гранка добива помалку светлина и на неа се формираат помал број пупки. Самите гранки се тријат една со друга поради ветрот. Се создаваат рани, кои стануваат отворена врата за навлегување на штетници и појава на инфекција.
- Често се крои само надворешниот дел од круната, додека центарот останува запоставен. Со отстранување на вишокот гранки од централниот дел, овозможуваме подобро осветлување и проветреност.
- Се оставаат „водопиите“. Тоа се израстоци кои се јавуваат на малку постари стебла. Растат вертикално и апсорбираат хранливи материи и вода, но не вродуваат со плод. Со нивно отстранување, дозволуваме навлегување на светлина и воздух во внатрешноста, зголемувајќи ја плодноста. Поради промената на условите се влијае на здравјето на дрвјата, помалку се јавуваат болести и штетници.
- Конкурентните гранки, особено конкурентните спроводници, не се препознаваат. Обично, конкурентните гранки се скратуваат за 1/3 за да се пренасочи енергијата кон растот на цветните пупки.
