Во реализацијата на проектите за развој на општините значајна е поддршката од Европската Унија, преку експертиза, но и со конкретна финансиска поддршка, а вие локалните власти од земјите членки на Унијата, најдобро ги разбирате нашите напори за унапредување на системот на локалната самоуправа и интегрирање на стандардите на ЕУ за рамномерен и одржлив социо-економски развој, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов на состанокот на заедничкиот консултативен комитет меѓу Северна Македонија и Европската Унија, во рамките на Комитетот на региони на ЕУ.
– Резултатите и предизвиците беа претставени и на скринингот на Европската Унија за напредокот на државата, кој што е во завршна фаза. Највисок приоритет на Владата е преговорите со Европската Унија да продолжат со отворање на поглавјата и да обезбедиме континуитет во реформите.
Според Пенов, во ова време на огромни глобални предизвици нашите стабилни партнерства како членка на НАТО и сериозен кандидат за членство во Европската Унија се најголемата гаранција за мир, стабилност и развој.
-Во претстојниот процес на интегрирање во Европската Унија, улогата на локалните власти станува се поголема. Во услови на децентрализиран систем на управување на локално ниво ќе се имплементираат голем број на закони кои што ќе инсистираат на повисоки стандарди на услуги како на пример во областа на животната средина, во управувањето со отпадот. Општините ќе треба да покажат и поголема капацитетност во апсорпцијата на ИПА средствата од Европската Унија.
Министерот за локална самоуправа ја истакна поддршката на општините преку буџетските развојни програми преку кои на годишно ниво се финансираат проекти за подобрување на комуналната, патната и социјалната инфраструктура. Притисокот од локалните власти за поголемо зафаќање од финансискиот колач е постојан и разбирлив. Важно е да има континуиран и аргументиран дијалог преку кој што ќе се унапредуваат процесите, но и поголема свесност и одржливост за она што досега го имаме направено, во што се вложени многу човечки и финансиски ресурси, наши, сопствени, но и од Европската Унија.
Напишете коментар