Влатко Шишкоски од Прилеп, по професија агроном со пчеларство како што вели се занимава од кога знае за себе. Има 500 пчелни семејства, Кошниците (пчелните семејства) се наоѓаат на 5 стационарни и една сезонска локација, поточно во Небрегово, Сенокос, Бело Поле (Долненска Општина), Големо Церско (Општина Другово) и сезонски или на паша од костен Лупште (Општина Македонски Брод).

„Се занимавам со пчеларство од кога сум роден“, вели низ смеа Влатко, „Помагав уште од рано детство, а после дипломирањето во 2009 и професионално се занимавам со пчеларство.

Освен мед, Шишкоски произведува и матичен млеч, полен, перга, прополис и восок.
„Зависно од приносот/годината вадиме од 3 до 5 тона мед. Задовилни сме од пласманот, имаме доста муштерии, најголем дел 90% го продаваме на мало… по саеми, на пазар, по порачки, од дома…“, вели Влатко.

Тој додава дека дел од Македонците може да се рече дека консумираат мед, а дел треба уште да се оедуцираат за да добијат медна култура.

„За мене лично, пчеларството претставува начин на живот, особено во сезона кога сме по околу 18 часа на ден со пчелите. И колку повеќе време поминуваме со нив, толку повеќе го осознаваме нивниот принцип и начин на живот и тврдам дека ако како човештво успееме да примениме само 10% од нивниот начин и принцип на живот, би имале далеку подобра средина за живеење.

Шишкоски вели дека „би било добро нашите фармацевтски компании или да почнат да откупуваат или да помагаат при откупот на пчелиниот отров за странските компании. На тој начин би се поедноставил самиот процес на производство.“

Во однос на временските услови и промената на климата, тој објаснува дека пчелите тешко ко поднесуваат топлинскиот стрес кој особено се одразува на растенијата кои престануваат да медоносат.

„Оваа година беше средна по принос. Ниските делови т.е. ливадите и полињата беа добри, а шумските делови слаби. Временските услови и новата технологија и тоа како делуваат негативно на пчеларството. Промената на климата и сите тие хидро и термо нестаболности, а исто така многу влијае и неконтролираното сечење на шумите. Топлинскиот стрес пчелите го поднесуваат тешко, не толку за нив, колку за растенијата што престануваат да медоносат, а и излив на енергија на самите пчели со тоа што мораат да ладат за да ја одржуваат нормалната температура за нормален развој на ларвите, односно потомството.“, објасни Шишкоски.
