Повеќе од 75% од светските прехрамбени култури зависат до одреден степен од опрашувањето. Инсектите како што се пчелите, пеперутките, молците, бубачките, па дури и птиците и лилјаците им помагаат на растенијата во репродукцијата, па за секој залак на овошје и зеленчук што го јадеме можеме да им се заблагодариме токму нив.
Сепак, интензивното земјоделство што го смени начинот на управување со земјоделските површини и зголемената употреба на пестициди и ѓубрива, резултираше со значително намалување на опрашувачите, особено на пчелите. Според Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО), околу 35 % од инсектите како што се пчелите и пеперутките и околу 17 % ‘рбетниците, како што се лилјаците, се соочуваат со истребување низ целиот свет.
Еден таков пример е Кина, каде за да може овоштарството да преживее воопшто, јаболката и крушите се опрашуваат рачно.
Опрашување на овошките со помош на пчелите
Иако има мал број овошја кои се самоопрашувачки, како што се праските, кајсиите и некои сорти на цреши и сливи, за да се постигне повисок принос, тие се исто така мамка за опрашувачите.
Главната улога во ова ја играат пчелите. Откриено е дека некои пчели што слетуваат на цветовите од јаболката, сливите, малините и крушите носат од нив од неколку десетици илјади, па до три или пет милиони зрна полен. Важноста на опрашувањето на овошките со пчели е во тоа дека, пчелата во текот на денот посетува цветови само од ист вид. Така таа пренесува полен од ист вид од еден цвет на друг, од едно растение на друго и врши меѓусебно опрашување, што е неопходно за оплодување на ваквите сорти на овошни дрвја.
Опрашувањето како доходовен бизнис?
Околу 130 растелни сорти во САД се опрашуваат со пчели, а годишниот профит на американското земјоделство од овие култури, се проценува на околу 9 милијарди американски долари.
Гене Бранди, пчелар од Северна Калифорнија, кој има 40-годишно искуство во овој сектор, изјави за „Спос“ дека опрашувањето на посевите станало попрофитабилно од правењето мед. „За време на февруари и март кога бадемите цветаат, моите пчели, заедно со 30 милијарди други, опрашуваат 1,3 милиони хектари насади со бадеми. Заработката е 180-200 долари од пчелно семејство, што е четири пати повеќе од пред 10 години“, објаснува Бранди. Другите култури како што се, малини, капини, цреши, дињи и јаболка, не се толку исплатливи за опрашување.
Во Канада, вредноста на медоносните пчели кои се користат за опрашување на земјоделските култури, се проценува на над 2 милијарди американски долари годишно. Секоја година, околу 300.000 колонии на медоносни пчели посетуваат цветови од маслодајна репа и придонесуваат за нејзино производство и тоа дури 12,6 милиони тони. Околу 35.000 колонии се задолжени за опрашување на боровинките, а 15.000 од нив се задолжени за јаболка, пишува канадскиот Canadian Honey Council.
ФАО проценува дека во Европската унија, од 100 видови на земјоделски култури кои сочинуваат 90% од вкупната храна, дури 71% се опрашуваат со пчели. Годишниот приход се проценува на околу 5 милијарди евра, од кои 4,3 милијарди евра му се припишуваат на медоносните пчели, а остатокот на другите пчели и бубамарите.
Кај нас, оваа дејност сè уште не се препозната како профитабилна, но за неа треба да се размислува како за бизнис на иднината.
Извор: Агроклуб
