Како се менуваат годишните времиња, како минуваат деновите, така и во домот на влешанката Павлина Јолдашева Ингилизова се менува амбиентот, а на трпезата преовладуваат боите и специјалитетите од сезонските производи.


Тука е и трпезата, каде секоја сезона носи ново овошје набрано од сопствениот овоштарник. Можеби не многу голем по површина, половина декар, ама таман за нејзиното семејство секој пат да ужива во прекрасните негови вкусови.


Има цреша, круша, јаболко, дуња, ореви, смоква и бадеми, од сите овошки по едно дрвце ама доволно постојано да прави слатки експерименти со нив на кои освен домашните и се воодушевуваат и пријателите и познаниците.

-„ Убаво е да се има овошни дрвца кога консумираме здраво, чисто и еколошки произведено од нас самите. Пандемијата со корона вирусот ни покажа дека мораме да мислиме на се, особено на нашето здравје и исхраната, а сите овие работи можат многу да ни користат за унапредување на нашиот живот во локалните средини. Ние сме земја со огромен капацитет во земјоделското производство, тоа е голема предност за сите нас и мораме апсолутно да го искористиме, не мора да садиме многу, но мораме да имаме доволно за секогаш да уживаме во нашите плодови кои сами сме ги произвеле“, објаснува Павлина.

Има крушки, со прекрасна жолта боја и благи како мед, сочни и полни вода прекрасни за подготовка на сокови, јаболка кои мамат да ги вкусиш со својот изглед, цреши идеални за слатко, оревчиња и бадеми кои се задолжителни во секој колач а слаткото од смокви кое го подготвува оваа вредна домаќинка е нешто преубаво, мелем за душа.


Вели дека готвењето и претставува посебно задоволство, и дека готви се, без исклучоци, а најомилено и е подготвка на балетанки од модри патлиџани. За Агротим.мк го откри и рецептот по кој го приготвува:

– „Најпрво се земаат модрите патлиџани, се мијат и се длабат во внатрешноста и потоа се оставаат да отстојат во посолена вода ( да им излезе горкиот вкус). Во грил тава се запржува кромид, морков, пиперка. Се додава грашок, пченка, компир и сето тоа се зачинува. Со оваа смеса се полнат доматите. Се ставаат во рерна, кратко време се потпекуваат, едноставен, лесен, вкусен и брз оброк. Еден од оние кои најмногу го сакаме да го имаме на трпезата, вели оваа вредна Велешанка.

А јадењето не би било целосно ако не се залие со добра голтка вино, произведено од сопствениот лозов насад со површина од еден и пол декар, каде се застапени сортите смедерeвка и вранец.

– „ Во поглед на лозарството, самата работа низ текот на годината ме прави среќна и мотивирана. Огромната љубов кон оваа работа ме натераа да произведувам ракија и вино за сопствени потреби а големиот труд и познавање ми овозможија да успеам во мојата намера. Моето омилено хоби е цвеќарство, заедно со моето лозје и овоштарник, уживам кога сум покрај цвеќињата и во природа и од таму ја црпам својата инспирација“, раскажува нашата соговорничка.

Вели дека уште од самото детство има посебна љубов кон аранжирањето.

-„Израсната сум во куќа, со што имав и голема слобода, двор со многу цвеќиња и овошни дрвја. Од таму доаѓа самата идеја за ова. Без оглед на се, едноставно сакам да навлезам во оваа убавина, да ги средам работите и да им дадам нова душа, а кога гледам дека на луѓето им треба поттик да започнат нешто, им раскажувам дека животот секогаш може да тргне на подобро доколку земат во свои раце.

Пресреќна сум кога ќе го видам восхитот во очите на моите пријатели кога ќе ја видат некоја моја нова креација или пак кога ќе пробаат нешто од слатките вкусови кои ги подготвувам. Среќна сум и кога можам да влијаам на тоа дека во се треба да се гледа позитивно и дека човек не треба да се ограничува и дека треба да преземе нешто што може навистина да го усреќи. Има многу работи со кои луѓето денес можат да се занимаваат, не мора да биде нешто слично на моево, значи секој треба да го пронајде она кое му одговара за да ги открие своите скриени потенцијали, талент и сила“, вели Павлина.


Вели дека сака да ги охрабри и луѓето кои сакаат да се занимаваат со земјоделство затоа што мисли дека вложувањето во самиот себе и патот кон иднината е нешто кое никој не може да им го оспори. Затоа според неа, секој треба да верува во себе и да работи на себе .
„ Кога го имаш тоа, тогаш некако се сложуваат и другите коцки. Важно е да имате желба да се обидете“, порачува Павлина.

