„Охридското и Преспанското Езеро, две од најстарите езера во Европа, лежат во планинска област долж границите на Северна Македонија, Албанија и Грција. Езерата опстојуваат најмалку еден милион години, а можеби и подолго.“, стои во текстот објавен од earthobservatory.nasa.gov.
Инструментот Imager-2 (OLI-2) на Landsat 9 на НАСА направи снимка од природната боја на овие езера на 19 август 2022 година.
НАСА потсетува дека поголемиот дел од езерата во светот се стари помалку од 18.000 години и настанале кога глечерите се стопиле на крајот од последното ледено доба. Според геолозите само 30 езера, вклучувајќи ги Охридското и Преспанското, се класифицирани како „антички“ – дефинирани од некои истражувачи како опстојување на повеќе од еден циклус на ледено доба (најмалку 130 000 години).
Како што наведува НАСА, својата долговечност езерата ја должат на одржливата тектонска активност што предизвикува земјиштето под нив да потоне, создавајќи грабени или ниски долини опкружени со раседи. Ова тековно тонење на долините го спречува создавањето на седименти и растителниот свет и претворање на езерата во мочуришта со текот на времето, како што се случува со повеќето езера по неколку илјади години.
Во објаснувањето за Охридското и Преспанското Езеро,се наведува и дека најголем дел од водата во Охридското Езеро доаѓа од подводни извори, но околу 20 проценти од неа се спушта од повисоката надморска височина во Преспанското преку подземните карстни канали.
Додека нивото на водата се задржува релативно стабилно на Охридското Езеро во последните децении, Преспанското доживеа значителен пад и во површината и во обемот. Во една неодамнешна студија, базирана на речиси четири децении набљудувања на Landsat, научниците објавија дека Преспанското Езеро изгубило седум отсто од својата површина и половина од својот волумен помеѓу 1984 и 2020 година, најверојатно поради зголеменото повлекување вода за земјоделствот, се наведува во текстот.
