Сирупот од босилек, кога се користи со антидепресиви, може да помогне во ублажување на симптомите на анксиозност и депресија. Тоа е главниот заклучок на ново истражување објавено во списанието „Брејн енд бихејвиор“ (Brain and Behavior), при што важно е да се напомни дека наодите се прелиминарни и се добиени на релативно мал број испитаници.
Иако овие резултати не може да се сметаат за замена за стандардните терапии и лекови, тие покренуваат интересни прашања за улогата на хербалните лекови во поддршката на менталното здравје, пишува „Вомен’с хелт“ (Women’s Health). Во испитувањата учествувале 60 возрасни лица, со 18 до 65 години, на кои им е дијагностицирано големо депресивно растројство со придружна анксиозност. Сите учесници го земале антидепресивот „Сертралин“, познат и како „Золофт“, и биле поделени во две групи. Потоа, едната група земала сируп со 1.100 милиграми екстракт од лист од босилек секоја вечер пред спиење, во текот на четири недели. А пак, другата – контролната група добила плацебо-сируп направен од шеќер, вода и хранлива боја, којшто налик изгледал исто со сирупот од босилек.
Крајните наоди се надежни, но сепак, истражувачите се претпазливи во своите заклучоци.
„Сирупот од босилек може да ја намали анксиозноста кај пациенти со големо депресивно растројство. Сепак, потребни се натамошни истражувања со поголема големина на примерокот и подолг период на следење“, се вели во написот.
Истражувачите го процениле менталното здравје на учесниците на почетокот и на крајот од испитувањата, по четири недели. Користени се стандардизирани алатки: Бековиот инвентар за депресија и Хамилтоновата скала за оценување на анксиозност. И двете групи пријавиле подобрувања на симптомите. Во плацебо-групата, просечниот резултат за депресија се намалил за околу 11 поени, на конечен резултат од 30. Анксиозноста се намалила за околу 10 поени, на резултат од 25.
Сепак, групата што го земала сирупот од босилек покажала значително подобри резултати. Нивниот резултат за депресија се намалил за 18 поени, на конечен резултат од 21, што ја поместило нивната состојба од категоријата тешка до умерена депресија. Просечниот резултат за анксиозност, исто така, се намалил во категоријата благи симптоми.
МИА
