Пандемијата ковид-19 го разниша рангирањето на најголемите светски економии, туркајќи многу земји во најлоша економска рецесија забележана во поновата историја.
САД, Кина, Јапонија и Германија и понатаму ги заземаат првите четири места како најголеми економии во светот, додека некои економии напредуваа или паднаа на листата како резултат на пандемијата. Една земја испадна од првите 10, покажува анализата на CNBC направена врз основа на економските проекции на ММФ.
Американската ТВ станица CNBC ги подредила земјите според номиналниот бруто домашен производ од 2019 година, изразен во долари, со проценките на БДП за минатата година од извештајот на ММФ.
Номиналниот БДП ја проценува пазарната вредност на сите готови производи и услуги произведени во една економија за една година, но не ги зема предвид движењето на инфлацијата и затоа може да се прецени или да се потцени вистинската економска вредност, се напоменува во прилогот.
Соединетите држави ја задржаа водечката позиција на списокот на топ 10 економии во светот, со тоа што номиналниот БДП падна на 20,9 трилиони долари минатата година од 21,4 трилиони претходната година.
Наспроти ова, второпласираната Кина минатата година забележа номинален БДП на 14,7 трилиони долари од 14,3 трилиони долари една година порано.
Јапонија остана трета по големина економија во светот во 2020 година со БДП проценет на 5,0 трилиони долари (5,1 трилиони долари во 2019 година), додека Германија се најде на четвртото место чија економија задржа вредност од 3,8 трилиони долари.
Индија, петта по големина економија во светот во 2019 година, минатата година падна на шестото место зад Велика Британија, иако споредбените податоци покажуваат дека БДП на двете земји паднал од нивото од 2,8 трилиони долари пред две години на 2,7 трилиони долари минатата година.
Седмата позиција сè уште ја држи Франција со номинален БДП од скоро 2,6 трилиони американски долари (2,7 трилиони долари во 2019 година), а осмата е Италија со вредност на економијата од приближно 1,9 трилиони долари во 2019 година).
Бразил, кој беше деветта по големина глобална економија во 2019 година, испадна од првите десет, отстапувајќи место на Канада, чиј БДП за минатата година е проценет на 1,6 билиони долари. На ранг листата како 10-та најмоќна економија во светот влезе Јужна Кореја со БДП од 1,6 билиони долари во 2020 година.
