Заинтересираните земјоделци може да аплицираат за кофинансирање на систем за наводнување капка по капка, конструкција на бунари и за други зафати на површинска вода. Овоштарите од Кумановскиот регион најногу се заинтересирани за оваа мерка, информираат од подрачната единица. Повикот трае до 27 јануари годинава.
– До 1,8 милион денари е прифатлива вредност за набавка и сместување на системот капка по капка. Опфатен е целиот систем – од набавка на опрема и приклучни елементи на системот за наводнување капка по капка до компјутеризација. Мерката е широка и ги опфаќа сите активности на земјоделци кои се за модернизација на земјоделски стопанства. Дел е од подмерката 121.4, која е поврзана со кофинансирање на системот за наводнување капка по капка, значи домодернизација, а за конструкција на бунар прифатлива вредност е до 364.000 денари максимум – изјави за МИА Џабир Рамадани, регионален раководител на Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделството.
Со средствата може да се набават подземни и надземни системи за наводнување капка по капка, набавка на приклучна опрема (филтри, пумпи, цевки и спојни елементи), опрема за електрична инсталација за снабдување со струја, вклучително и енергетска ефикасност, агрегати или генератори и придружна инсталациска опрема, софтвери за управување и контрола на системот за наводнување, градежни зафати за бунари, изработка на студии и елаборати. Доколку се користи вода хидромелиоративните системи, потребно е да се достави договор од Водостопанство.
За поддршката може да аплицираат земјоделци коишто се впишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства. Јавниот повик беше објавен на 29 декември минатата година.
