Десетици милиони фунти вредно свежо овошје и зеленчук се оставени да скапуваат на полињата во Обединетото Кралство бидејќи земјоделците не можат да привлечат доволно работници.
Околу 22 милиони фунти (27 милиони долари) овошје и зеленчук пропаднаа во првата половина на 2022 година поради недостиг на работна сила, според истражувањето на Националната унија на фармери, која брои речиси 200 одгледувачи, пишува Блумберг.
Бидејќи истражувањето опфатило една третина од секторот за хортикултура, се проценува дека вкупната загуба веројатно ќе надмине 60 милиони фунти (73 милиони долари), во време кога цените на продавниците растат со рекордно темпо.
-Целосен апсурд е што се упропастува квалитетна, здрава храна во време кога семејствата ширум земјата веќе се мачат да врзат крај со крај поради зголемените трошоци за живот – се вели во соопштението на заменик-претседателот на Националната унија на фармери, Том Бредшо.
Иако и другите економски сектори имаат недостиг од кадар, се смета дека проблемот е многу поголем во земјоделската индустрија, која тешко привлекува работници бидејќи работните места се сезонски и обично вклучуваат долги часови физичка работа за релативно ниски плати.
Брегзитот, исто така, го комплицираше регрутирањето на работна сила од Европската Унија.
Илјадници свињи се заклани на британските фарми од минатата година поради недостиг на работници во погоните за преработка на месо.
Покрај недостигот од земјоделски работници, Велика Британија во јули ја доживеа најголемата суша од 1935 година, што дополнително го намали производството.
Околу 40 отсто од учесниците во истражувањето на Националната унија на фармери рекоа дека претрпеле загуби на земјоделски култури поради недостиг на работна сила, а одгледувачите очекуваат производството да падне за уште 4,4 отсто следната година.
