Откупот на тутунот од ланската реколта ќе заврши најдоцна за 15-тина дена и е речиси месец и половина порано од законски предвидениот рок кој е до крајот на февруари. Истовремено, се очекува родот да тежи и за над три милиони килограми повеќе во однос на првично очекуваните количини кои се проценуваа на околу 17 милиони килограми тутун, велат од Сојузот на тутунски здруженија, информира Алфа.
„На терен има уште околу 700.000-800.000, максимум до еден милион килограми тутун. Тој тутун се наоѓа во делот на прилепската општина, односно Долнени и Крушево, а во источниот дел веќе 90 посто е откупен тутунот“, – изјави Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија.
Поволните временски услови, проценката на родот без никакви одбитоци, како и зголемената откупна цена која заедно со субвенциите достигна до 500 денари по килограм тутун, се само дел од причините кои годинава ги зголемиле откупените количини тутун. Но, според тутунарите, и покрај тоа што ваквата состојба била поволна за нив, сепак тие велат дека за годинашната реколта ќе мора да се востановат построги правила при проценката и откупот.
„Јас како тутунопроизводител со над 3 тони тутун, сум задоволен од оваа цена и од субвенциите значи, што ги најави Министерството….Ова не е откуп, значи. Треба со класи, со квалитет да се доплати, тој што има квалитет повеќе да му се доплати. Навистина, ваков откуп не е реален“, – изјави Џемал Назифоски, тутунопроизводтел од Крушево.
Повеќе на АлфаТВ