Собранието на денешната 18. седница го донесе Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по договорот за заем за финансирање на Проектот за модернизација на земјоделството.
Најголемиот дел од средствата ќе бидат инвестирани во изградбата на трите откупно- дистрибутивни центри во Скопје, Струмица и Ресен. Потоа се планира да се реши еден децениски проблем околу регистарот и пописот на вкупното државно земјоделско земјиште, вклучувајќи ги и пасишта кои во оваа фаза ќе имаат подеднаков третман. Тоа се поголемите проекти.
Исто така, планирано е да се изгради кафилерија и за тоа ќе се користат 4.5 милиони евра од кредитот и 4.5 милиони евра грант од Европската комисија.
Во помалите ставки влегува целосна реконструкција на Платежната Агенција, веќе е најдена нова зграда , тука спаѓаат и нови компјутери, нова фасада и слично.
Секако треба да се напомене дека во моментот кога ќе започнат да работат откупните центри ќе треба да се направи една едукација со земјоделците, па затоа планирана е една ставка за соведодавни услуги за земјоделците.
