Во Европската унија се очекува намалување на производството на месо, а според предвидувањата, ова најмногу ќе се почувствува кај производството на свинско и пилешко месо. Сепак, како што пишува Magyar Nemzet, светските производители очекуваат пораст.
Наспроти меѓународниот тренд, во ЕУ има намалување на откупните цени, што претставува сериозна финансиска закана за европските сточари. Имено, во декември 2020 година, цената на живите свињи, се намали за загрижувачки 36 проценти во споредба со истиот период во претходната година.
Сепак, ситуацијата не е лоша во сите земји-членки, а најмногу профитираа оние што извезуваат во Кина, како што е на пример Шпанија, каде што цената на свинското месо изнесува 1,55 евра, додека во Белгија, на пример, таа е едно евро.
Според прогнозата на Европската комисија, производството на свинско месо се очекува да биде само за еден процент пониско оваа година, што значи дека цените би можеле да останат ниски поради количината на месо што може да остане „заробена“ на пазарот на ЕУ, и има малку надеж за зголемување на надворешната трговија.
Кина, од друга страна, го продолжува своето производство со завидно темпо откако африканската свинска чума претходно го уништи тамошното производство.
Германија е најголем извозник на овој вид месо во ЕУ, а по потврдување на случаи на инфекција со АСТ, Кина и Јапонија го прекинаа увозот од таа земја. Потоа, поради забраната, тие започнаа да го пласираат она што беше наменето за азискиот пазар низ целата Унија, што доведе до нов пад на цените. Така, ефтиниот увоз го наруши пазарот во Полска, но ситуацијата е слична и во другите земји-членки. На пример, Унгарија се пожали бидејќи нивната цена падна од 1,27 на 1,19 евра за килограм.
Поради сето ова, Европската комисија дури го разгледува и предлогот за воведување поддршка за приватно складирање на свинско месо.
Кога станува збор за месото од живина, се очекува глобалното производство да порасне, како и побарувачката. Но, во Европа може да има намалување во споредба со минатата година, додека побарувачката треба да остане иста.
Извор: Агроклуб
