Ако оние кои живееле пред 5000 години сакале некому да му подарат екстравагантен подарок – тогаш веројатно би избрале јајце од ној.
Некои од овие прекрасни предмети се чуваат во Британскиот музеј во Лондон. Јајцата се пронајдени во Италија но нивното потекло долго време беше мистерија – ноевите во тоа време не живееле во Европа.

Новите сознанија од меѓународен тим на археолози можеби конечно успејаа да дадат одговор.
Луѓето ширум Европа, Медитеранот и Северна Африка продавале јајца од ној пред 5000 години. Тие биле украсувани на повеќе начини – биле насликани, украсени со слонова коска или со благородни метали, а некои се прекриени со скапоцени камења.
Петте јајца во колекцијата на Британскиот музеј се украсени со цртежи на животни, цвеќиња, војници или разни геометриски форми.

„Археолозите ги пронашле овие јајца во гробовите на богати поединци и тие веројатно биле луксузни предмети“, објаснува д-р Теимар Ходос, кој го води проектот на Универзитетот во Бристол.
Тимот на д-р Ходос се обидел да открие од каде потекнуваат ноевите јајца и дали луѓето одгледувале ноеви во тоа време или се работи за диви видови.
Доколку се работи за дивите ноеви, тие биле крајно опасни, толку многу што античкиот грчки историчар Ксенофон напишал дека никој не можел да ги фати.
„Откривањето на местото каде што биле положени јајцата, може да понуди и објаснување за нивната историја“, се вели во новата студија објавена во списанието „Антиквитет“.

Откривањето на овој вид информации според стручните лица помага подобро да се разберат древните цивилизации и моделите на трговија кои ги поставија темелите на современиот свет.
Што откриле истражувачите?
Користејќи современи јајца од ној од Египет, Израел, Јордан и Турција, истражувачите ги споредувале изотопите во античките и модерните јајца за да го утврдат нивното потекло.
Резултатите покажуваат дека јајцата најверојатно потекнуваат од делтата на Нил во северен Египет, како и од источните земји, како што се Јордан, Сирија и Турција.
Тимот на д-р Ходос верува дека ноевите биле диви, што сугерира дека трговците поминале долг пат за да купат јајца.
„Тоа бил ризичен потфат, бидејќи нојот е неверојатно опасен, па не само што некој морал да најде гнездо, туку и да украде јајца“, објаснува д-р Ходос.
Што дознале истражувачите за исклучителните декорации?
Истражувачите користеле голем број техники за да се обидат повторно да ги направат алатките што античките занаетчии ги користеле за украсување јајца – но на крајот тимот не успеал да го копира украсувањето.
„Изгледа дека овие јајца кријат и многу други тајни, а за да се раскаже целата нивна приказна, потребни се дополнителни истражувања“, рече д-р Ходос.
Археолозите сега планираат да ги истражат симболите и употребата на јајца од ноеви, како и да откријат зошто тие станале толку популарни на Медитеранот (каде ноевите дури и не живееле).
Извор: BBC