Олгица и Јоцо Мицови од село Зрновци – Кочанско се земјоделски производители кои обработуваат 12 ха површина со пченка и имаат фарма со околу 100 грла кози.
Нивната приказна е инспиративна во едноставноста.Се запознале и засакале млади, кога буквално немале ништо, а со нивната љубов, слога и многу работа успеале да изградат куќа, да купат земја, да изградат фарма, да набават земјоделска механизација, два трактора, два автомобила и се она што значи еден убав земјоделски живот
Неодамна тие станаа сопственици на нов трактор „Солис“ од компанијата Хемометал, а нивната заедничка фотографија до новиот трактор, беше како трофеј на една успешна работа, посветеност и пожртвуваност каква што имаат луѓето кои со љубов се занимаваат со земјоделско производство и особено ако чуваат жива стока.
-Кога ни почна заедничкиот живот, бев без државна работа и немав речиси ништо, но поддршката од сопругата е многу важна. Заедно со неа, во слога, многу работевме, па и ден денeска е исто. На 12 ха произведуваме пченка и тоа со рекордно високи приноси, просечно 10 -11 тона од ха. Но јас многу вложувам во производството, ги извршувам сите агротехнички мерки, инвестирам и затоа имам високи приноси. Многу е важен семенскиот материјал и тука мислам дека треба да се поведе повеќе сметка околу квалитетот. Исто така останува проблемот со наводнувањето за кој постојано апелираме до сите министри да се подобри состојбата. Системите за наводнување се застарени и тоа сериозно ни ја отежнува работата. Сега новиот министер ветува дека ќе инвестираат во системите за наводнување, па да се надеваме дека ќе биде подобро – вели за Агротим, Јоцо Мицев.
Тој додава дека ова поднебје е одлично за производство на градинарски култури, особено со врвен квалитетет се произведува праз, потоа пиперка, пченица, грав…Она што е потребно е само добра организираност и повеќе да се обрне внимание на земјоделецот и земјоделското производство.
-Професионалност во производството мора да има и модерна механизација. Затоа и парите што ги заработивме годинава си купивме нов трактор „Солис 75“ за кој имав информации од мој пријател што имаше исто таков трактор и беше многу задоволен. Од компанијата „Хемометал“ сме многу задоволни, одлични услови и попуст добивме и ни го донесоа дома. Перформансите се одлични, се надеваме дека долго ќе не служи и ќе заработиме уште повеќе со него – вели Мицов.
За сопругата Олгица прашањето околу фармата со кози. Какви се предизвици има фармерството, што значи земјоделското производство воопшто за една жена, дали има слободно време.
-За жена во село секогаш има работа, особено ако се занимава со сточарство нема воопшто слободно време. Имаме син кој живее во Германија и најмногу што можевме е да одиме на еден викенд да се прошетаме и да се видиме. Моравме да се вратиме заради козите оти сами со сопругот ние двајца работиме се.
Чуваме околу 100 грла кози, со нив сме постојано ангажирани како со секоја жива стока, нема слободен ден. Млекото го предаваме во млекара „Делчево“ и сме многу задоволни од нашата соработка. Цената се движи од 31-33 ден/литар, имаме лактофризер, од дома ни го земаат млекото, ако имаме некаков проблем, било финансиски или друго, секогаш се тука да ни помогнат. Исто така правиме и сирење но не многу затоа што немам време. Тоа е обично во октомври – ноември, до јануари ќе стаса и после имам стални купувачи кои си купуваат од сирењето – вели Олгица, а од нас информацијата ако некој сака да набави од нивното сирење може да ги контактира на 078 832 065. Агротим е секогаш тука да помогне во пласманот на земјоделските производи.
За крај на разговорот со нив и прашањето за нивните планови за иднина. Одговорот повторно едноставен а единствено точен.
-Планови има, само здравје и среќа треба. Животот што ќе ни донесе, тоа ќе биде. Наше е да работиме и да се надеваме на убава иднина. – велат овие прекрасни луѓе.