Во пресрет на предлогот на Европската комисија за Законот за здравјето на земјиштето на ЕУ што се очекува во јуни, коалицијата на невладини организации, прогресивни земјоделски организации и прехранбени компании повикаа на амбициозни и обврзувачки мерки.
Во отвореното писмо упатено до неколку европски комесари, околу 280 организации и поединци ја повикаа извршната власт на ЕУ да поднесе „амбициозен и прогресивен“ законски предлог за закон на ЕУ за здравјето на земјиштето.
Новиот закон треба да му даде на земјиштето ист заштитен правен статус како воздухот и водата, и влегува во рамките на стратегијата на ЕУ, која беше претставена во ноември 2021 година.
– Здравјето на европското тло забрзано се деградира, и итно е потребен амбициозен закон за здравјето на земјиштето – се наведува во писмото потпишано од невладини, земјоделски организации и академици.
Според податоците на Европската комисија, 70 отсто од земјиштето во ЕУ не е во добра состојба. Со цел ефикасно да се спротивстави на ова и да се постигне целта на извршната власт на ЕУ за драматично подобрување на состојбата на зем до 2050 година, потписниците на писмото поставија неколку критериуми што законот, според нивното мислење, треба да ги исполни.
-Борбата против деградацијата на земјиштето може да се постигне само со силна законска рамка која обврзувачки го дефинира здравјето на почвата и ја поддржува со мерливи индикатори – изјави експертот Мајкл Бергер.
Вакви цели веќе постојат во ЕУ за заштита на воздухот и водата, преку Директивата за квалитет на воздухот и Рамковната директива за води. Овие закони поставуваат конкретни цели за земјите членки, кои можат да бидат тужени ако, на пример, нивната вода или воздух се позагадени отколку што дозволуваат правилата на ЕУ.
