Земјоделците од Охридскиот Регион најмногу интерес пројавиле за користење средства преку ИПАРД програмата за поддршка на земјоделството и руралниот развој за обновување или набавка на нова механизација.
Најмногу апликации за користење на тие наменски средства се поднесени токму за модернизација и инвестиција на земјоделски стопанства, што предвидува набавка на земјоделски машини, приклучна механизација, како и за нови овошни и лозови насади по системот капка по капка.
Во помала мерка се поднесуваат апликации по мерките 2 и 3 на ИПАРД за добивање финансиска поддршка за преработувачки капацитети, како и за диверзификација и развој на рурални средини односно селски туризам, со помош при изградба на објекти за сместување и соодветна придружна инфраструктура во руралните средини.
Причина за послабиот интерес за мерките 2 и 3 се во отуството на урбанистички планови за селските населени места, што е предуслов за добивање на дел од средствата предвидени за таа намена.
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за 15 дена го продолжува за поднесување апликации за набавка на системи за наводнување, за инвестиции во бунари и зафати на површинска вода.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, информира дека право за добивање на оваа поддршка имаат сите земјоделци кои се евидентирани во единствениот регистар на земјоделски стопанства.
„Сите заинтересирани барањата може да ги поднесат електронски на e–baranje.ipardpa.gov.mk. Максималната сума која може да ја земе поединечно секое земјоделско стопанство за систем за наводнување е до 1.800.000 денари додека финансиската поддршка за инвестиции во бунари или зафати за површинска вода е до 364 илјади денари по корисник. “ – информира Бачовски.
Со овие средства, може да се набават подземни и надземни системи за наводнување капка по капка, набавка на приклучна опрема (филтри, пумпи, цевки и спојни елементи), опрема за електрична инсталација за снабдување со струја вклучително и енергетска ефикасност, агрегати или генератори и придружна инсталациона опрема, софтвери за управување и контрола на системот за наводнување, градежни зафати за бунари, изработка на студии и елаборати. Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на кофинансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот а во висина 50 до 70 отсто од вредноста на одобрените и прифатливи трошоци за инвестиции. Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу две барања за различни мерки од Програмаат за рурален развој. Барателите не смеат да почнат со реализација на инвестицијата пред да потпишат договор со АФПЗРР. Новиот краен рок за доставување на е барања е 11 февруари 2022 година. Барањата кои не се поднесени електронски нема да бидат разгледувани.
