Аронијата е листопадна грмушка, расте во височина од околу 2-3 метри и 2.5 метри ширина. Лисјата се овални, назабени околу ивицата, во вегетацијата се темно зелени. Аронијата е растение кое сѐ повеќе се шири, успева во многу различни климатски подрачја. Успева на места со повисока влажност на почвата, и на почви со висока потпочвена вода, но може да успева и на каменести површини со малку земја. При подигнување на насади треба да се избегнуваат екстремно суви, песокливи и збиени многу влажни почви. Стеблото и цветот се доста отпорни на мраз, а посериозно оштетување од мраз може да се случи при температура од -23 степени Целзиусови во почетокот на зимата или -30 во средина на зимата. Поединечните цветови се со бела боја и собрани во гроздови. Гроздовите најчесто се состојат од 10-15, а на врвовите на ластарите и до 30 цветови. Цветањето трае околу 10 дена, а секој цвет поединечно цвета само 5 дена. Воглавно цветовите ги опрашуваат пчелите, а можно е и опрашување со ветер, но аронијата е самооплодно растение. Плодовите се ситни округли со виолетово црвена до црна боја, тежината на една бобинка изнесува од 1,0 до 1,5 гр. Внатрешноста на плодот има интезивна црвена боја со слатко киселкаста арома која потсетува на боровинка. Аронијата особено се одликува со висока содржина на антоцијан, природен извор на боја, многу пожелна во прехранбената индустрија и содржи висока количина на витамини. Се смета за лековито овошје.

Од аронијата се прават разни сокови, компоти, разни ликери, јогурт, високо квалитетно црвено десертно вино, а може и да се суши. Плодовите најчесто зреат во исто време така што е потребна само една берба. Зрее во почетокот и средина на јули, а на повисоки места со поголема надморска висина дури и во почетокот на август. После бербата плодовите пожелно е што побрзо да се преработаат или да се замрзнат. Старосниот век на аронијата се проценува на околу 20 години.
Агроеколошки услови на одгледување на аронија
Температура
Одгледувањето на аронија е можно и во области со сурова континентална клима, што ја покажува нејзината голема приспособливост. Во зимската фаза на мирување, може да издржи температури до -30 ° C. Доколку дојде до екстремно ниски температури под -23 ° C кон крајот на есента и почетокот на зимата, може да се очекува оштетување на растението. Сепак, ова е култура која сака многу светлина и препораката е да се одгледува на сончев терен.
Вода
Оптималната количина на врнежи за одгледување на аронија е 500-700 мм годишно. Недостатокот на влага ќе влијае на квалитетот на плодовите кои стануваат помали и покисели по вкус. Доколку се одгледува во област подложна на суша, наводнувањето е задолжително.

Подготовка на почвата
Пред садењето потребно е да се изврши мелиоративно ѓубрење со употреба на арско ѓубре и минерални ѓубрива со зголемен процент на калиум и фосфор. Најдобри резултати во одгледувањето се постигнуваат ако на почвата се нанесат 80-100 кг азот, 30-60 кг фосфор и 100-120 кг калиум.
Садење
Аронијата е најдобро да се сади наесен, а се препорачува употреба на двегодишни садници. Садниците треба да имаат добро развиен коренов систем и 3 до 5 изданоци. Во комерцијалното одгледување преовладува форма на грмушка, иако аронијата може да се одгледува и во облик на стебло.
Растојанието меѓу редовите при садење треба да биде од 3,0 до 4,0 м и од 1,5 до 2,0 м во ред. Садењето се врши во дупки длабоки 20 см и дијаметар 30 см.
Берба и принос
Првата берба на нов насад може да се очекува во третата година, кога приносот е од 0,3 до 0,5 кг плод по растение. Од петтата до седмата година приносот е 8-10 кг плод по растение, а од деветта до десетта година се уште може да се очекуваат 15 кг по растение. Зреењето на плодовите на аронија се одвива во август, а бербата може да се продолжи, бидејќи зрелите плодови нема да се расипат и да паднат ако останат на растението.

