
Доопремување на Планинската спасителна служба, изградба на планинарски дом во селото Брежани и инфраструктурни активности за развој на авантуристичкиот туризам се дел од активностите реализирани во рамките на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“. Проектот го реализираше Црвен крст – Охрид во партнерство со општините Дебрца и Грамш и алпинистичкиот клуб „Патагонија“, со финансиска поддршка од Европската Унија преку програмата за прекугранична соработка со Албанија.
Презентирајќи ги активностите од тригодишниот проект, Антонио Додевски од Планинската спасителна служба при охридскиот Црвен крст, посочи дека на почетокот биле затекнати од Ковид пандемијата, па морале да прават преадаптација на активностите, а се вклучиле и во дистрибуција на храна и лекови за социјалнот ранливите категории.
– Со проектот се доби многу, бидејќи е насочен кон развој на авантуристичкиот туризам. Главниот фокус беше обезбедување безбедност во авантуристичкиот туризам што е осносвен предуслов за негов развој. Креиравме нови туристички производи во авантуристичкиот туризам, изградивме Планинарски дом во село Брежани, општина Дебрца, ја доопремивме Планинската спасителна служба за ефикасно и безбедно делување во зимски услови, набавивме специјализирана опрема за мобилност во зимски услови и опрема за безбедност на нашите тимови. Сега сме комплетни и можеме да делуваме во било какви услови на терен во летно и зима, истакна Додевски.
Планинската спасителна служба од Охрид, додаде, е еден од основачите на Националниот сојуз за планинско спасување и идејата е тоа што го работат тука да го пресликаат на териоријата на цела држава, нагласувајќи дека Охрид станува центар на планинското спасување во Северна Македонија.
Дел од проектот беше и Дебрца, чиј градоначалник Зоран Ногачески подвлече дека општината ги има сите предиспозиции за развој на планински, авантуристички и зимски туризам.
– Но, за да има развој треба да има создадено услови за безбеден туризам. Токму затоа и во проектот беа таргетирани такви активности. Општина Дебрца да прерасне во извонредна туристичка природна дестинација, затоа што со своето природно богатство, со сите планински масиви кои ги поседува е природно предодредена за развој на зимскиот авантуристички туризам, истакна Ногачески.
Командирот на Противпожарната служба во Грамш, Илир Лапуши посочи дека проектот им помогнал многу за развивање на туризмот во неговата општина.
– Со патеката која ја изградивме преку проектот сите имаме придобивки. Туристите имаат можност да поминат од една држава во друга без никаков проблем, со поддршка на Црвениот крст и од наша страна како пожарникари, рече Лапуши.
Мариа Канелопулу, раководител на сектор за прекугранична соработка на Европската делегација во Скопје смета дека инфраструктурата, градењето на капацитетите и возилата кои се користат за планинскиот туризам е многу важно за економскиот развој на општините Дебрца од македонска страна и Грамш од Албанија. Европската Унија, посочи, обезбедила еден милион евра за проекти за општини од овој регион.
– Се надеваме дека ќе придонесе за промоција на овие области како безбедни места за туризам, на тие кои сакаат да го истражуваат туризмот да бидат поблиску до природата и да истражуваат зимски спортови, истакна Канелопулу.
Планинската спасителна служба најави дека веќе имаат подготвено апликација за ИПА 3 програмата за прекугранична соработка и го чекаат нејзиното објавување на почетокот на 2023 година.
МИА
Напишете коментар