Нов Зеланд разгледува серија мерки насочени кон забрана за пушење, вклучително и радикална иницијатива со која ќе се забрани продажба на тутун на цела генерација, пишува денеска Вечерњи лист.
Со новиот национален акциски план, Нов Зеланд сака постепено да ги зголемува законските старосни граници за пушење, што може да се прошири до забрана за продажба на цигари и производи од тутун на сите родени по 2004 година, што би го направило пушењето нелегално за таа генерација .
Поддржувачите на иницијативата бараат значително намалување на нивото на никотин дозволено во тутунските производи и ограничување на локациите на кои тие можат да се продаваат. Владата, исто така, ќе пропише минимална цена на тутунот и цигарите. Мерките имаат за цел да ја отстранат употребата на тутун во земјата, претворајќи го Нов Зеланд во „зона ослободена од пушење“ до 2025 година.
МИА
